„Чарлиевите ангели“ добиваат нов филм: Култната франшиза повторно на големото платно
Sony Pictures повторно ја оживува популарната франшиза „Чарлиевите ангели“.Студиото развива нова филмска верзија на акционата авантура за трите приватни истражителки, а за пишување на сценариото е ангажиран Пит Кијарели, потврди The Hollywood Reporter.Проектот е во рана фаза на развој, а засега не е познато кој ќе го продуцира. Сепак, еден извор за THR наведува дека Дру Баримор и нејзината продукциска куќа Flower Films, се враќаат и за овој филм.Култната серија „Чарлиевите ангели“ првично била криминалистичка драма што се емитувала на телевизијата ABC од 1976 до 1981 година. Серијата станала феномен на поп-културата и ги прославила главните актерки Фара Фосет, Кејт Џексон и Џеклин Смит, а на продуцентот Арон Спелинг му помогнала да се етаблира како едно од најголемите имиња на телевизијата.Дејството ја следело приказната за три исклучително талентирани детективки кои работат за агенцијата Townsend, во сопственост на мистериозниот Чарли Таунсенд, кого публиката никогаш не го видела. Како посредник меѓу него и детективките служел Џон Босли.Франшизата повторно оживеа во 2000 година кога студиото Columbia, во сопственост на Sony, сними филм во режија на McG, со Дру Баримор, Камерон Дијаз и Луси Лиу во главните улоги. Филмот постигна огромен успех, заработувајќи 264,1 милион долари ширум светот, што денес би изнесувало околу 493 милиони долари. Три години подоцна следеше продолжението „Чарлиевите ангели: Полн гас“.Обидот за оживување на франшизата на телевизија во 2011 година не беше успешен и серијата беше откажана по само седум епизоди.
Магазин | пред 3 часа