Почина Драган Б. Костиќ: замина легендата на македонското радио
Утринава, на 75-годишна возраст, почина Драган Б. Костиќ, истакнат македонски музички новинар, радиоводител и еден од најпрепознатливите гласови во историјата на Македонското радио.Тажната вест ја соопшти неговиот син Бане Костиќ, кој преку социјалните мрежи напиша:„Со длабока тага ги известуваме роднините, пријателите и познаниците дека утринава почина Драган Костиќ – сопруг, татко и дедо. Поменот ќе се одржи утре, недела, 21 декември, од 12:30 до 13:30 часот, во капелата на гробиштата Бутел. Семејството изразува искрена и длабока благодарност до целиот тим и раководството на Државната неврохируршка клиника во Скопје, особено до д-р Благоја Шунтов, за грижата, посветеноста и хуманоста. Нека му е вечна слава и спомен. Патувај мирно, Диско селекторе.“Драган Б. Костиќ е роден на 10 јуни 1950 година во Скопје. Својата богата и влијателна кариера ја започнал во Македонското радио, каде остави неизбришлива трага во историјата на домашната радиофонија.Најпознат е како автор и водител на култните радио-емисии „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“. „Диско селектор“ започна да се емитува на 29 јуни 1974 година и со текот на децениите стана музички белег на неколку генерации слушатели. Емисијата „Заборави ако можеш“ започна во 1991 година и до 31 октомври 2013 година го достигна своето 4.500-то издание.По повод 30 години од „Диско селектор“, во јуни 2004 година, Костиќ организираше голема музичка забава на лизгалиштето во Скопје, на која беа продадени околу 6.500 влезници – настан што и денес се памети како еден од најмасовните музички собири од тој тип.Покрај овие емисии, тој е автор и на низа други радиоформати, меѓу кои „Радиоурнебес“, „Пријатели, добар ден“ и квизот „Јас ли сум на ред“.Драган Костиќ беше познат и како страстен и посветен колекционер на музика, со импозантна колекција од над еден милион аудио записи, која важи за една од најголемите во регионот.Во 2018 година ја започна и телевизиската емисија „Б со точка“ на Телевизија 24, која се емитуваше во две сезони до 2019 година.Во 2024 година, со големиот музички настан „Последниот танц“ во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, Драган Б. Костиќ ја одбележа својата 50-годишна кариера, симболично заокружувајќи еден извонреден живот посветен на музиката.Со неговото заминување, македонската културна сцена изгуби еден од своите највлијателни и најпрепознатливи гласови.
Македонија | пред 7 часа