Нетанјаху до Иранците: „Се приближува моментот на вистината“ – Израел најавува „план со многу изненадувања“
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во видеообраќање порача дека војната против Иран ќе продолжи „без прекин и без компромис“, најавувајќи дека Израел има „организиран план со многу изненадувања“ за следната фаза од конфликтот, со цел да се „дестабилизира режимот и да се овозможат промени“.Нетанјаху посебно се обрати до припадниците на Иранската револуционерна гарда (ИРГК), тврдејќи дека се „на нишан“ и испраќајќи порака дека оние што ќе го положат оружјето нема да бидат повредени, додека за останатите „последиците“ ќе бидат нивна одговорност.До иранскиот народ, израелскиот премиер рече дека „моментот на вистината“ се приближува и нагласи дека целта, според него, не е да се „подели Иран“, туку да се „ослободи Иран“. Тој додаде дека исходот зависи од самите Иранци – дали земјата ќе биде „ослободена“.Во обраќањето, Нетанјаху оцени дека евентуалното „ослободување на Иран“ би можело да донесе мир меѓу Израел и Иран. Тој, исто така, ја истакна улогата на САД и рече дека американско-израелскиот сојуз е „посилен од кога било“, споменувајќи разговор со американскиот претседател Доналд Трамп од декември, во кој, според него, било потенцирано дека мора по секоја цена да се спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје.Нетанјаху ги обвини Обединетите нации за молк во врска со, како што тврдеше, убиства на Иранци од страна на врвниот лидер Али Хамнеи, прашувајќи каде биле ОН и дел од западните држави во тие моменти. Во продолжение нагласи дека „многу земји“ денес, според него, јасно гледаат на кого можат да се потпрат.Во истото обраќање тој испрати и предупредување до либанската влада, истакнувајќи дека таа, според него, има обврска да го спроведе договорот за прекин на огнот од 2024 година и да го разоружа Хезболах. Во спротивно, рече, нападите на Хезболах би можеле да донесат „катастрофа“ за Либан, додавајќи дека Израел ќе направи „сè што е потребно“ за да ги заштити своите градови и граѓани.
Свет | пред 2 часа