Шефот на Меѓународната поморска организација повика: Бродовите да не пловат низ Ормутскиот теснец
Челникот на Меѓународната поморска организација, Арсенио Домингез, ги повика бродските компании да се воздржат од испраќање пловни објекти низ Ормутскиот теснец, предупредувајќи дека ниту воената придружба не може целосно да ја гарантира нивната безбедност.Во изјава за „Фајненшл тајмс“, Домингез посочи дека воената заштита не претставува долгорочно и одржливо решение за нормализирање на пловидбата низ овој стратешки важен морски коридор.Ормутскиот теснец, низ кој поминуваат околу 20 проценти од светските количини на нафта и течен природен гас, останува во голема мера затворен, што веќе влијае врз растот на цените на енергенсите и ги засилува стравувањата од инфлација на глобално ниво.Затворањето на теснецот предизвикува и сериозни нарушувања во синџирите на снабдување, принудувајќи компаниите на скапи и итни алтернативи, како пренасочување на товарот, копнен транспорт и спречување на расипување на лесно расипливи производи.Домингез предупреди дека бродскиот сектор станува „колатерална штета“ на конфликтот, нагласувајќи дека причините за кризата немаат директна врска со поморството. Тој изрази загриженост и за бродовите заглавени во Персискиот Залив, каде на екипажите им недостигаат храна и основни залихи.Советот на Меѓународната поморска организација ќе одржи вонредна седница во Лондон, на која ќе се разгледуваат последиците од конфликтот на Блискиот Исток врз поморството и безбедноста на морнарите.„Апелирам до операторите да не пловат и да не ги изложуваат на ризик ниту екипажите, ниту бродовите“, порача Домингез.
Свет | пред 3 часа