Пет години му се суди на Рашковски: откако Апелација ја укина првата пресуда, обвинет признал вина за местење тендери
Пет години трае судскиот процес „Софтвери“, во кој поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, е обвинет за спорни тендери, набавка на софтвери и исплата на хонорари. По укинувањето на првостепената пресуда од Апелацискиот суд кон средината на 2024 година, со која Рашковски беше осуден на осум години затвор, предметот се суди повторно и во моментов се наоѓа во доказна постапка.За разлика од почетокот на процесот, кога јавноста и медиумите покажуваа значителен интерес, повтореното судење се одвива со далеку помало внимание. Обвинението беше поднесено во октомври 2021 година, а првостепената пресуда беше изречена во јули 2023 година, по што беше укината од Апелација и предметот вратен на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје.По почетокот на повторената постапка, еден од обвинетите призна вина. Станува збор за професорот од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Ивица Димитровски, кој со укинатата пресуда беше осуден на пет години затвор. Според обвинението, тој ја изготвил техничката спецификација на тендерите што ги спроведувал Генералниот секретаријат, а истовремено учествувал и во постапките за јавни набавки – во едната како изведувач, а во другата како подизведувач. На товар му се ставаше и дека ги враќал средствата исплатени од Генералниот секретаријат каде бил ангажиран.Од Кривичниот суд за „Скопје1“ информираат дека на јавна главна расправа обвинетиот ја признал вината, по што постапката за него била раздвоена и оформен нов предмет. На 17 декември 2025 година била донесена пресуда врз основа на признание на вина, со која Димитровски е огласен за виновен за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.Судот му изрекол алтернативна мерка – условна осуда од две години затвор, која нема да се изврши доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело. Дополнително, тој е задолжен да ја надомести штетата на Република Северна Македонија и му е изречена забрана за учество во постапки за јавни набавки во период од пет години од правосилноста на пресудата.Предметот „Софтвери“ против останатите обвинети, меѓу кои и Рашковски, продолжува пред Кривичниот суд и сè уште е во фаза на изведување докази.
Македонија | пред 13 часа