„Претрес“ на Драги Книга: Груевски, Арсовска, Заев... поврзаност на политиката, бизнисот, подземјето
kz2fiBoVvcg

рек битола

elemnema-defekt-vo-rek-bitola-222887

Обвинение за милионскиот криминал во РЕК Битола, биле местени тендери, лажни записници и незаконски исплати

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против 8 физички и 1 правно лице за злоупотреби поврзани со постапки за јавни набавки во РЕК Битола.Во текот на 2023 година, петмина од обвинетите, како службени лица – директори и раководители на подружници во РЕК Битола, вклучувајќи го и директорот на комбинатот, вршеле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.Тие заедно не ја извршиле својата службена должност за законито и совесно постапување и ги повредиле начелата на економичност, ефикасност, ефективност, сразмерност и конкурентност предвидени во Законот за јавни набавки. Со намера да прибават противправна имотна корист за друг, обвинетите распишале и спровеле постапка за јавна набавка за дислокација на погонските станици од рудникот “Осломеј” во рудниците на РЕК Битола, со цел да се воспостави нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако знаеле дека таквиот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК. Имено, поради неправилната форма на површинскиот коп и поради малиот век на експлоатација (околу 14 години) во рудникот Живојно не е предвидена примена на методата за откопување со континуирана технологија (роторни багери и транспортни ленти) какви што биле дислоцираните погонски станици од Осломеј.Обвинетите го навеле Управниот одбор да го измени Годишниот план и да овозможи реализација на јавната набавка, а минималните услови за учество на тендерот ги предимензионирале, фаворизирајќи само едно правно лице. Со тоа и овозможиле на обвинетата компанија да се јави како единствен понудувач и да го добие тендерот вреден 90.000.000 денари без ДДВ (106.200.000 денари со вклучен ДДВ).Првообвинетиот сопственик на фирмата, двајца вработени и правното лице се товарат за кривично дело – Злоупотреба на постапка за јавен повик или јавно-приватно партнерство од член 275-в, бидејќи свесно ги повредиле прописите за постапката со потпишување и поднесување на невистинита документација во која тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако донесената механичка и електроопрема стоела расфрлана во кругот на РЕК Битола. Незавршената обврска ја наплаќале врз основа на невистинитата документација со што правното лице се стекнало со противправна имотна корист од големи размери. Ова им го овозможиле и тројца од обвинетите директори и раководители во РЕК Битола, кои во 2024 година ги потпишувале записниците и извештаите за наводно извршени работи, иако знаеле дека се невистинити, со што го навеле оштетеното правно лице РЕК Битола да изврши незаконита исплата и сториле продолжено кривично дело – Измама во службата од член 355 став 3 од Кривичниот законик.Со обвинението, јавниот обвинител предложи да биде одземен износот од околу 1,7 милиони евра со ДДВ кои и биле исплатени на компанијата како резултат на сторените кривични дела. За таа цел, обвинителството во текот на постапката, користејќи и инструменти на меѓународна правна помош, лоцираше и обезбеди 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, 3 златни монети и 1 златна плочка од банкарски сеф во Белград, сопственост на првообвинетиот, како и над 500.000 евра на сметки во домашни банки. Дополнително, замрзнати се и 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година од фирма во Србија во сопственост на првообвинетиот, кои исто така можат да бидат предмет на конфискација.Сознанијата на истрагата се дека обвинетиот поседува две компании во Србија, од кои едната основана на крајот на 2024 година, но и дека согласно анализираното движење на паричните средства има јасна тенденција тој да ги префрла парите со кои располага кон тие компании. Исто така, обвинителството го ценеше фактот дека обвинетиот одржува блиски врски и со други држави каде би можел да има парични средства, што го прави сериозен ризикот од бегство, па јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за овој обвинет со цел негово обезбедување во текот на судската постапка.

Македонија | пред 6 часа

media-libraryr5dbb352foa4fUU9OdK

Многу кеш, сефови, имот, станови, камиони, милиони: кој е Борче Марковски – човекот зад „Марковски компани“

Името на Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“ од Битола, повторно е во центарот на јавноста откако Основното јавно обвинителство Битола побара и доби замрзнување на негов имот во Србија, вклучувајќи 10 товарни и приклучни возила и сеф во белградска банка, како дел од истрагата за злоупотреби при јавни набавки во РЕК Битола.Борче Марковски повеќе од две децении важеше за еден од најуспешните градежни претприемачи во земјава. Основаната во 2002 година фирма „Марковски компани“ бележеше континуиран раст, со приходи над 2,7 милијарди денари годишно, повеќе од 300 вработени и висока бонитетна оценка AA+. Компанијата изведуваше градежни и земјени работи, соработувајќи со РЕК Битола, АД ЕСМ и други јавни претпријатија, а имаше и активности надвор од државата.Во 2016 година, Марковски беше именуван за почесен конзул на Белорусија во Северна Македонија, што дополнително го зацврсти неговиот углед во деловните кругови.Случајот што го стави под лупа на обвинителството започна по апсењето на Марковски од страна на Финансиската полиција, поради сомневање за местење тендер вреден околу 100 милиони денари во РЕК Битола.Обвинителството тврди дека се работи за злоупотреби при јавни набавки и договарање на услови за фаворизирање на одредени компании.Првично, Битолскиот суд му одреди куќен притвор, но по жалба на ОЈО, Апелациониот суд го замени со затворски притвор, бидејќи постоеше ризик од бегство — Марковски поседува имот и фирми во странство.Истражување на Радио Слободна Европа откри дека Марковски бил сопственик на две компании во Србија, меѓу кои и „Markovski Company“, регистрирана во Белград во 2009 година, и „Хаза изградба“, активна фирма која добивала тендери од државното претпријатие Србија шуми.Дополнително, Марковски поседувал и фирма во Македонија – „Фајкон СБ“ од Битола, каде што содружник му бил српскиот државјанин Саша Савковиќ.Случајот доби и политичка димензија. Од ВМРО-ДПМНЕ остро реагираа, обвинувајќи дека „Марковски компани“ била дел од систем за испумпување пари од државните претпријатија РЕК и ЕСМ за потребите на „владејачката мафија“.„Од денес почнуваме со разобличување на криминалот на Марковски компани – очигледното испумпување на пари од државата и грабежот што го правеле СДС,“ наведоа од партијата.Тие посочија дека на еден тендер, наместо поевтина понуда од 100 денари по гигаџул, била прифатена понуда од 129,7 денари, што претставува 30% повисока цена и „профит од 14 милиони евра“.„Овие 14 милиони евра треба да каже каде завршиле – дали во сметки на Заеви во Бугарија и Дубаи,“ изјавија од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека судството покажува селективност, бидејќи „газдата на Марковски компани наместо во затвор, прво доби куќен притвор“.По барање на македонското обвинителство, српските органи издадоа наредби за замрзнување на возилата и банкарскиот сеф во Белград, а во Македонија беа блокирани сметки со околу 30 милиони денари, како и три стана во Скопје, градежна парцела и неколку возила, за кои постои сомнение дека претставуваат незаконски стекнат имот.Истрагата продолжува, а Марковски останува во притвор до завршување на сите доказни постапки.

Македонија | пред 2 месеци

12012023_PVRSM_Poseta_REK-Bitola_1

Истрагата за РЕК Битола се проширува преку граница – блокиран имот и во Белград

Основното јавно обвинителство Битола преку Канцеларијата за поврат на имот при Јавното обвинителство на РСМ упати итно барање до надлежните органи во Србија за замрзнување на имот – вкупно 10 товарни и приклучни возила набавени годинава за правно лице со седиште во Белград.Според обвинителството, српската компанија е сопственички поврзана со лице осомничено за злоупотреби во РЕК Битола, против кое на 9 октомври беше отворена истрага.Од српските власти било побарано да забранат отуѓување, оптоварување или располагање со возилата за кои постои сомнение дека се набавени како посредна имотна корист од кривичните дела кои се предмет на истрагата.Дополнително, обвинителството побарало отворање на сеф во српска банка, за кој било утврдено дека го поседува осомничениот, со цел да се провери неговата содржина.Српското обвинителство ги прифатило барањата и издало наредби за замрзнување на наведениот имот.Во исто време, во земјава се замрзнати околу 30 милиони денари на сметките на осомничениот и неговата компанија. По барање на обвинителството, е изречена и забрана за располагање со дополнителен имот – три стана во Скопје, парцела градежно неизградено земјиште и гаража стекнати во 2024 година, како и три товарни и едно патничко возило набавени во 2025 година.Станува збор за имот за кој постои сомнение дека претставува принос од казниво дело, односно може да биде предмет на идна конфискација.

Македонија | пред 2 месеци

media-library69s3afm7fvd3dYriCrg

Судот во Битола не одреди притвор за осомничените во случајот со РЕК Битола – обвинителството најави жалба

Основниот суд во Битола не го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за определување мерка притвор за двајцата осомничени во предметот за злоупотреби со јавни набавки во РЕК Битола, туку наместо тоа им одреди куќен притвор.Од Обвинителството реагираа на ваквата одлука, истакнувајќи дека не се согласуваат со мерката и дека ќе поднесат жалба, со барање да им се одреди ефективен притвор.„Особено имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, од кои едниот поседува и значителен имот во друга држава, Обвинителството смета дека мерката куќен притвор не е соодветна“, соопштија од ОЈО Битола.Според истрагата, ОЈО Битола отвори предмет против осум физички и едно правно лице за злоупотреби при јавни набавки во РЕК Битола.Во фокусот се поранешниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори од Подружницата „Рудници“ во РЕК Битола, кои се сомничат дека во текот на 2023 година, како соизвршители, сториле продолжено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ според член 353 од Кривичниот законик.Според доказите прибавени од Управата за финансиска полиција, осомничените свесно ги прекршиле правилата за економичност и ефикасност при јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во „Рудници“ – РЕК Битола.Иако знаеле дека транспортот на јаглен во рудникот „Живојно“ не треба да се изведува преку континуирана технологија (со ротирачки багери и транспортни ленти), тие организирале јавна набавка што ја фаворизирала една приватна компанија — сега исто така под истрага — која станала единствен понудувач и склучила договор од кој остварила противправна имотна корист од големи размери.Понатаму, дел од раководителите во РЕК Битола и едно службено лице се осомничени и за измама во службата, бидејќи потпишувале лажни извештаи и записници дека работите биле целосно завршени, иако немало никакви извршени активности.Фирмата пак, преку фактури, од комбинатот незаконски наплатила над 106 милиони денари со вклучен ДДВ.Обвинителството отвори постапка и против сопственикот и управителот на фирмата, како и против едно лице вработено во компанијата, за злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство.Од обвинителството велат дека предметот е во истражна фаза и дека во наредниот период ќе бидат сослушани повеќе сведоци и вештаци со цел да се потврдат сомнежите за злоупотреби, фалсификувани извештаи и незаконско плаќање на непостоечки работи.

Македонија | пред 2 месеци

mickoski-rek-bitola

Мицкоски: Честит Голема Богородица, благодарност до рударите во РЕК Битола

Премиерот Христијан Мицкоски, од РЕК Битола упати честитка по повод големиот православен празник Голема Богородица и го одбележа денот на рударите. Тој им посака здравје, среќа и љубов на сите граѓани, истакнувајќи дека празниците се моменти за обединување и духовна сила, кои помагаат да се надминат секојдневните предизвици.Мицкоски со посебна почит се обрати до рударите, кои ги нарече „јунаци“ поради нивната пожртвувана и макотрпна работа во РЕК Битола. „Благодарение на нивната енергија и секојдневен труд, ние имаме енергетска стабилност, а тоа значи и стабилен економски раст на Македонија и на македонското стопанство,“ рече тој.Во своето обраќање додаде дека е убеден оти мотивацијата и желбата на рударите нема да изостанат и дека во иднина ќе следуваат уште подобри резултати за македонскиот енергетски систем, рударството и економијата во целина. На крајот упати честитка до сите православни верници по повод празникот Голема Богородица и на рударите им го честиташе празникот со традиционалниот поздрав „Среќно“.

Македонија | пред 4 месеци

12012023_PVRSM_Poseta_REK-Bitola_7

Жестоки обвинувања за РЕК Битола: СДСМ тврди за тендерски криминал, ВМРО-ДПМНЕ возвраќа со прашање за бегалецот Ковачевски

Политичката пресметка околу состојбата во РЕК Битола ескалира: СДСМ обвинува за криминални тендери и целосна партизација на системот, додека ВМРО-ДПМНЕ возвраќа со прашање – каде е Васко Ковачевски, нивниот поранешен директор, кој, според нив, избегал од правдата?СДСМ: РЕК Битола е во колапс поради корупција на ВМРО-ДПМНЕСпоред СДСМ, РЕК Битола неколку дена е нефункционален поради, како што велат, „криминални зделки и тендери“ склучени од новото раководство, поставено од Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата обвинува за рамковен договор вреден 150 милиони денари (околу 2,5 милиони евра) склучен со фантомска фирма без вработени, техничка опрема или искуство – чии управител, неофицијално, е молер со кривична историја во Германија.„Ова не е саботажа. Ова е класична корупција и местење тендери за неспособни партиски фирми“, порачаа од СДСМ, додавајќи дека наместо ангажирана фирма да ги извршува услугите за кои е платена, вработените во РЕК самите чистат, без соодветна опрема или надомест.Партијата бара итна истрага од Јавното обвинителство, Антикорупциска и Државниот завод за ревизија и ја повикува јавноста да бара одговори од премиерот Мицкоски – кој ја потпишал рамковната спогодба, кој ја пуштил фирмата во процедура, и дали ЕСМ ќе ја активира банкарската гаранција за неисполнетите обврски?ВМРО-ДПМНЕ: Каде е Васко Ковачевски – поставеник на СДСМ?Во реакција, ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата и ја врати топката кај СДСМ, алудирајќи на нивниот поранешен кадар.„Пред да држат пресови за РЕК, нека кажат каде е Васко Ковачевски – човекот што го поставија за директор, кој денес е во бегство поради криминал од невидени размери“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.Според ВМРО-ДПМНЕ, доколку постои сомнеж за криминал во актуелното раководство на РЕК, тоа треба да се испита од страна на МВР. Но, како што додаваат, за разлика од времето на СДСМ, сега цената на струјата не се зголемува на секои три месеци, а Владата „работи за граѓаните и нивните потреби“.

Македонија | пред 6 месеци

12012023_PVRSM_Poseta_REK-Bitola_7

Ќе им се суди на вкупно 10 лица за злоупотреби во РЕК Битола - се гони криминал за избор на фирма за ископ на јаловина

Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против 7 лица кои се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик со дејствија со кои на Буџетот на АД ЕСМ-Подружница РЕК Битола му предизвикале значителна имотна штета во износ од 178.370.319 денари.„Обвинение е поднесено и за 3 службени лица од Бирото за јавни набавки, кои како соизвршители во кривично дело Несовесно работење во службата од член 353в став 4 од Кривичниот законик со пропуштање на должен надзор, очигледно несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности при вршење на управна контрола на постапката за јавна набавка.Од обвинетите за злоупотреби, тројца се службени лица – членови на Стручната комисија со овластување да извршат евалуација на понудите на јавна набавка за избор на фирма за ископ на јаловина во РЕК Битола, кои спротивно на Законот за јавни набавки донеле одлука со која незаконито ја елиминирале понудата на еден економски оператор од понатамошна евалуација. Иако фирмата доставила доказ дека ги исполнува условите за техничка и професионална способност од тендерската документација, тие сепак ги оцениле ваквите докази како неприфатливи и ја отфрлиле понудата.Тројца членови на Комисијата за јавни набавки за спроведување на отворена постапка за јавна набавка го прифатиле ваквото стручно мислење, иако спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки и на електронската аукција поканиле само два други економски оператори кои имале понудено повисоки почетни цени од елиминираната фирма.Обвинетиот директор на РЕК Битола го прифатил предлогот за избор на најповолна понуда содржан во Извештајот на Комисијата за спроведување на јавната набавка иако бил спротивен на одредбите од Законот за јавни набавки и на 03.10.2022 склучил договор за ископ на инвестициска откривка во Рудникот Брод Гнеотино со РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола во износ од 708.000.000 денари со ДДВ. Потоа, во септември 2023 година, директорот склучил и анекс кон договорот со кој вредноста на јавната набавка ја зголемил за дополнителни 20% односно за 120.000.000 денари, со што исто така постапил спротивно на Законот за јавните набавки, бидејќи претходно не извршил дополнителна анализа на исплатливост и не ги дообезбедил потребните парични средства кои според законските одредби требало да бидат обезбедени во целост пред склучување на договорот.Службените лица од Бирото за јавни набавки, обвинети за несовесно работење, извршиле увид во целокупната документација поврзана со јавната набавка и требало да утврдат дека понудата на еден економски оператор е незаконски отфрлена, но тие пропуштиле тоа да го сторат и на договорниот орган противправно му дале инструкции да продолжи со постапката за јавна набавка и да го склучи договорот.Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за одземање на противправно прибавената имотна корист од 178.370.319 денари која како резултат на сторените кривични дела од обвинетите била исплатена на правното лице ДПТУ РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола. Оваа имотна корист во текот на постапката, по барање на Основното јавно обвинителство Битола е предмет на привремена мерка за обезбедување имот и средствата се замрзнати на сметка до донесување пресуда“, велат од Обвинителството.

пред 7 месеци

nikoloski-kosovo-1

Николоски: Очекувам за РЕК Битола да се отворат и други криминални случаи

Јавно сум зборувал за случајот со адетивите кој беше класична злоупотреба. Јас бев тој кој во јавност ги извадив куќите во Неготино на еден од осомничените и неговото семејство во овој случај, а очекувам во иднина и други случаи за злоупотреби да се отворат поврзани со РЕК Битола, истакна вицепремиерот Николоски во гостувањето во ТВ Сител.“На пример како тоа една компанија добиваше тендери за ископи, па потоа добиваше идентичен тендер, па како исти анекси добиваше и во двата тендери. Потоа како една компанија само таа добиваше тендери, а на електронската аукција никој друг не се пријавуваше. И затоа цената на електричната енергија скоро и да се дуплираше, па требаше од буџетот да се плаќаат субвенции за граѓаните да не го почуствуваат тоа, ама затоа компаниите и стопанството го почуствуваа. Така да, ова се случаи коишто очекувам да ги разгледа Обвинителството заедно со МВР и Финансиската полиција и да дадат одговори пред јавноста, да бидат процесуирани но и да ги вратат парите оние коишто учествуваа во овие активности коишто се на штета на буџетот и на граѓаните” – истакна вицепремиерот Николоски.Тој потенцира дека сега на потег е судството да одговори соодветно бидејќи очекува целиот фокус на јавноста да е насочен кон него.“За жал состојбата во судството е таква каква што е, но очекувам да се издигне на задачата и да ги дадат одговорите на граѓаните”- рече Николоски.

Македонија | пред 1 година

vasko-kovacevski-1

Обид за апсење на Васко Ковачевски? Полицијата не го најде

Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, е еден од десетината осомничени во денешната акција на МВР, која се спроведува во координација со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, според извори од истрагата.Акцијата се спроведува рано утринава. Но тој не бил најден дома.Од МВР не споделуваат детали, но за „Скопје1“ велат дека е точно дека има акција.„Во тек е полициска акција во координација со ОЈО ГОКК. По завршувањето на истата соодветно ќе ја известиме јавноста“, велат од МВР.За скандалите во РЕК Битола, често говореше ВМРО-ДПМНЕ од опозиција, а кога дојдоа на власт, рекоа дека ќе расчистат со скандалите. Претреси има во домови и канцеларии на лица кои се поврзувале со спроведувањето на тендерите и челниците на комбинатот.Скандалите за кои досега се зборуваше беа за злоупотреби на службена положба, финансиски манипулации, и пренасочување на средства кон блиски компании, што ја компанијата но и државата оштетување со милионски цифри.

Македонија | пред 1 година

konjanovski

Коњановски: Епски криминал во РЕК Битола, наместо стотици милиони да се вложуваат во рудниците и термо блоковите се вложувале во поединечни џебови

Во текот на денешната панел-дискусија на која се дебатираше темата поврзана со РЕК Битола или поконкретно извршените криминали во истата како и нивните последици, свој осврт даде и директорот на ЕСМ Зоран Коњановски.Според Коњановски ова е многу значајна тема пред сè за Комбинатот РЕК Битола, а потоа и за енергетскиот сектор воопшто и за социоекономските случувања во државата.„Безмилосно се однесувале кон РЕК Битола, кон енергетскиот сектор и тоа придонесе до една многу, многу лоша ситуација која за жал секојдневно ја чувствуваме и ја гледаме. Она што било пропуштено да се направи во претходните пет, шест, седум години, она што било уништено во претходните пет, шест, седум години во однос на лукративните тендери, во однос на дивеењето на раководството на РЕК Битола заедно со одредени надворешни компании, придонесува денес да имаме нестабилен енергетски систем“, јасно посочува Коњановски.Во контекст на последниот скандал поврзан со компанија „Браинкоде“, при што истата од компанија која се занимавала со трговија на канцелариски материјали станува практично фирма за увоз на хемиски производи на големо и добила три тендери од ЕСМ за набавка на адитиви од Италија во вредност од 6,5 милиони евра и тоа на двата од нив се јавува како единствен понудувач, Коњановски вели дека за жал ова не е единствена фирма која наменски е формирана само неколку месеци пред објавување на некоја тендерска постапка.„Ваков адитив не е донесен само во РЕК Битола, туку е донесен и во РЕК Осломеј, а таму воопшто не е искористен и ова е една класична мафијашка постапка, како заради некои причини кои можеби и свесно се направени во комбинатот се добила идеја да се набави ваков адитив. Втор дел од оваа приказна е што само една фирма се одважила да се јави на тендерот, тоа е јавна тајна дека не е така, туку се правеле притисоци врз останатите фирми или да се откажат или се одело на електронска аукција каде што повторно со притисоци се обесхрабрувале другите фирми да ги намалуваат цените“, појаснува Коњановски.Според него ова е еден епски криминал кој се случувал во електроенергетскиот систем и истиот за жал бил помогнат од раководството на СДС, па наместо стотици милиони да се вложуваат во рудниците и термо-блоковите се вложувале во поединечни џебови.

Македонија | пред 1 година

Screenshot-2024-12-10-at-16.59.55

Сите детали од претресите и апсењата за РЕК Битола: Одземени се 130.000 евра, има материјални докази

Eксдиректорот на ЕСМ и член на Управниот на компанијата, Васко Ковачевски, како и неговиот наследник на функцијата, Васко Стефанов се осомничени во акцијата на МВР и ОЈО-ГОКК во РЕК Битола.„Денеска (10.12.2024) беше спроведена координирана полициска акција под директно раководство на двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција , при што се извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на Битола, Неготино, Кичево, Велес и Скопје. За време на акцијата обезбедени се голем број материјални докази (документација), а кај три лица пронајдени и одземени се околу 130.000 евра. Од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-СКИ -Единица за корупција во соработка со Управата за финансиско разузнавање до ОЈО за ГОКК поднесена е кривична пријава против 23 физички лица и два правни субјекти и тоа: В.К. (55), В.С. (57), А.М. (44), П.М. (46), Н.С. (48), М.С. (45), Д.С. (43), М.Ј. (35), П.Ч. (46), Д.С. (59), З.Н. (58), С.М. (63), М.В. (58), В.М. (61), З.А. (38), Д.Ч. (47), Д.С. (48), С.К. (53), С.М. (54), Н.Н. (35), П.С. (69), М.С. (54), Р.С. (42), потоа правно лице од Неготино, како и правно лице од Скопје. Од нив, 21 лица се лишени од слобода, а за две се преземаат мерки за пронаоѓање.Притоа пријавениот В.С. во својство на генерален директор на АД ЕСМ, Н.С.- поранешен директор во АД за производство на електрична енергија ТЕЦ Неготино, Д.С.- поранешен директор на комерцијални работи во АД ЕСМ и поранешен директор на АД „Пошта на Северна Македонија“ и П.М.- поранешен вд директор и директор на Подружница РЕК Битола во АД ЕСМ во текот на 2023 и 2024 година во Неготино, Битола, и Скопје организирале група која имала за цел вршење на кривични дела „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство“ од чл.275-в од КЗ, „злоупотреба на службена положба и овластување“ од чл.353 од КЗ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ од чл.273 од КЗ . Во текот на 2023 и 2024 година на оваа група и се приклучиле осомничените М.Ј.- управител на правно лице од Скопје, П.С., управител на правно лице од Велес, М.С.- управител на правно лице од Неготино, М.С.- сопственик на правното лице од Неготино, Р.С.- сопственик на правното лице од Неготино, со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери.Кривично пријавените свесно ги повредиле прописите на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, со договарање со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка, организирале пререгистрација на правни субјекти во нивна сопственост, се договарале како учесници во постапката за доделување на договори за јавна набавка во АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и подружница РЕК Осломеј да се јават правните лица од Скопје и Неготино и да ја изиграат постапката за доделување на договори за јавна набавка. Дел од организаторите и припадниците на злосторничкото здружение, со намера да прибават за себе или за друг значителна имотна корист не ја извршувале својата службена должност како службени лица вработени во АД ЕСМ Скопје, Подружница РЕК Битола со што овозможиле пријавеното правно лице од Скопје да го добие договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив RPT 601, 190.000кг. за потребите на РЕК Битола и 120.000кг. адитиви RPT 602 за потребите на РЕК Осломеј и да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397.636.400 денари. Пријавените како организатори на злосторничкото здружение и пријавените припадници на злосторничкото здружение во Битола, Неготино и Скопје, во периодот од месец октомври 2022 година до месец јули 2024 година пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на пари со намера да го прикријат нивното движење и подигнале пари во готово, а за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство“ од чл.275-в од КЗ“, велат од МВР.

Македонија | пред 1 година

vasko-kovacevski

Вплеткани 23 лица со Ковачевски во РЕК Битола, делувале повеќе од година и имале шема - сите детали за акцијата

По двонеделна предистражна постапка што започна да се спроведува од 21.11.2024 година кога предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска од раните утрински часови под раководство на двајца јавни обвинители се реализира голема полициска акција.„Единиците на МВР заедно со истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК, врз основа на 77 барања за издавање наредби за претрес доставени до Основниот кривичен суд Скопје започнувајќи од 27.11. до 9.12.2024 година, извршуваат претреси на локации во Битола, Неготино, Велес, Кичево и Скопје. Издадени се три наредби до Управата за финансиско разузнавање и низа наредби за обезбедување податоци до надлежни институции и МВР. Јавните обвинители донесоа Наредба за спроведување на истражна постапка против 23 лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството и кривични дела против службената должност и против правниот сообраќај.Во период од 13.04.2023 до 23.08.2024 година, дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД „Пошта на Северна Македонија“ создале група која имала за цел вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по чл.273 од Кривичниот законик. Во текот на 2023 и 2024 година припадници на оваа група станале и дел од осомничените, а со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери, осомничените свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, со договарање со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка.Така, откако организирале и извршиле пререгистрација на дејност на правните субјекти во нивна сопственост, осомничените управители и сопственици на правни лица, како учесници во постапки (економски оператори), меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и подружница РЕК Осломеј. На начин опишан во диспозитивот на наредбата, овозможиле кривично одговорно правно лице да го добие Договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив RPT 601, 190.000 кг. за потребите на РЕК Битола и 120.000кг. адитиви RPT 602 за потребите на РЕК Осломеј и да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397.636.400,00 денари.Потоа, со намера да го прикријат движењето на парите за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство од чл.275-в од КЗ, дел од осомничените организатори и дел од осомничените припадници на злосторничкото здружение во периодот од 24.11.2023 до 28.06.2024 година во Битола, Неготино и Скопје пуштиле во оптек, примиле пари, извршиле пренос на паричните средства и подигале готовина во вкупен износ 414.776.400 денари.Акцијата е во тек, се обезбедуваат материјални докази врз основа на кои ќе се донесе одлука за примена на мерките на обезбедување на осомничените, за што јавноста ќе биде информирана во текот на утрешниот ден“, велат од ОЈО-ГОКК.

Македонија | пред 1 година

elemnema-defekt-vo-rek-bitola-222887

(Видео) ЕСМ и РЕК Битола беа користени од функционерите на поранешната власт како претпријатија за испумпување на милиони преку тендери, рече Петрушевски

„ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува акцијата на институциите и ги охрабрува да продолжат во спроведување на законот и овозможување на правдата“, кажа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.„ВМРО-ДПМНЕ со години гласно зборуваше за криминалот во ЕСМ и РЕК. Двата енергетски комбинати и ЕСМ и РЕК Битола беа користени од функционерите на поранешната власт како претпријатија за испумпување на милиони преку тендери додека народот плаќаше скапа струја.ВМРО-ДПМНЕ ја предупредуваше власта на СДС и ДУИ да не ја крадат државата, и дека одговорност за криминалот ќе има. Сите наши апели не вродија со плод, СДС и ДУИ ја ограбија државата, но затоа сега одговорност ќе има и секој ќе одговара за тоа што правел.За да има милиони за тендери на Ковачевски, Заев и Филипче, цената на производство на струка ја качија од 33 евра за мегават час, на над 100 евра. Сето тоа го направија преку осакатување на системот, недоволна експлоатација на сопствен јаглен, скап увозен и неквалитетен јаглен, кој пак влијаеше на дефекти на постројките.СДС системски го уништи РЕК и ЕСМ за да крадат, и одговорност за тоа мора да има“, одговори Петрушевски на новинарско прашање.

Македонија | пред 1 година

mickoski1

(Видео) Ковачевски е надвор од земјата, очекувам уште денеска да биде вратен, кажа Мицкоски

Премиерот Хистијан Мицкоски потврди дека поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски е надвор од земјата, но рече дека уште денеска ќе биде вратен за да одговара за криминалот за кој се терети.„Очекувам уште денеска да го обезбедиме неговото враќање. За него и за сите 23 лица кои се обвинети за криминал во ЕСМ, институциите имаат обезбедено докази за кои јавноста ќе биде информирана. Овие 23 лица се обезбедени пред правдата за да дадат одговор за основаните сомневања кои се обезбедени“, рече Мицоски.Премиерот кажа дека според информациите кои тој ги има, станува збор за добро организирана група на високи претставници на компанијата и други правни лица кои управуваат со други правни субјекти кои се здружиле и за кои постои основано сомневање дека направиле криминал од 6,5 милиони евра.„Многу докази се обезбедени, но тоа ќе го оставам на јавното обвинителство и потоа на судовите. Тоа што е најдено е загрижувачки“, додаде Мицкоски.Тој рече дека владата нема да прави циркус и естрада од криминалот, но рече дека јавноста ќе биде навреме информирана за обезбедените докази.„Владата и јас бевме обвинувани дека не сме преземале акции за обезбедување на лица за криминал. Ние сакаме сѐ да си оди според правдата со обезбедени докази. Сето она што го зборувавме за сторен криминал, ќе биде на јавноста познато и сите докази ќе бидат обезбедени“, изјави Мицкоски и најави нови случаи во наредниот период.

Македонија | пред 1 година

policija-1313

Голема акција за РЕК Битола во Македонија: Се претресува, одзема документација, спроведува во станица

Голема полициска акција поврзана со тендери спроведувани од РЕК Битола се спроведува во Македонија. Претреси, одземање на документација, распити се само дел од дејствијата, кои неофицијално, ќе се преземат во текот на денешниот ден, а започнале од рано утринава. Според неофицијални информации, станува збор за сомненија за сторени криминали од ексфункционери со рударско-енергетскиот комбинат.Од МВР не споделуваат детали, но за „Скопје1“ велат дека е точно дека има акција.„Во тек е полициска акција во координација со ОЈО ГОКК. По завршувањето на истата соодветно ќе ја известиме јавноста“, велат од МВР.За скандалите во РЕК Битола, често говореше ВМРО-ДПМНЕ од опозиција, а кога дојдоа на власт, рекоа дека ќе расчистат со скандалите. Претреси има во домови и канцеларии на лица кои се поврзувале со спроведувањето на тендерите и челниците на комбинатот.Скандалите за кои досега се зборуваше беа за злоупотреби на службена положба, финансиски манипулации, и пренасочување на средства кон блиски компании, што ја компанијата но и државата оштетување со милионски цифри

Македонија | пред 1 година

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања