Томовски: Оваа конференција е обврска да извлечеме поуки од трагедијата
Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, изјави дека трагедијата во Кочани останува една од најтешките што ја погодиле државата и дека институциите имаат обврска да извлечат поуки и да изградат поотпорен систем.Говорејќи на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, Томовски изрази сочувство до семејствата на настраданите.„Нема зборови со кои може да се утеши загубата, ниту реченица што може да ја намали болката што ја носат семејствата. Болката е заедничка и човечка, и национална“, истакна тој.Томовски потсети дека во моментите по трагедијата институциите реагирале брзо и координирано. Била отворена донаторска сметка преку Црвениот крст, а на итна владина седница биле обезбедени 30 милиони денари од буџетските резерви за поддршка на семејствата на повредените кои се лекуваа во странство.Тој посочи дека институциите работеле деноноќно, а неговиот службен телефон бил ставен на располагање за комуникација со семејствата и засегнатите граѓани.„Владиниот авион беше ставен во функција за транспорт на пациенти, затоа што во такви моменти секоја минута, секоја одлука и секоја подадена рака значи живот“, рече Томовски.Според него, конференцијата не е само потсетник на трагедијата, туку и обврска да се зајакнат институционалните механизми и клиничките протоколи.„Во спомен на жртвите и во поддршка на нивните семејства, наша должност е да изградиме посилен, похуман и поподготвен систем“, порача директорот на СОЗР.
Македонија | пред 3 дена