Швајцарски суд го продолжи притворот на сопственикот на барот во кој загинаа 40 лица
Судот во Швајцарија нареди продолжување на притворот за еден од сопствениците на барот во луксузното скијалиште Кран-Монтана, каде што во пожар што избувна за Нова година загинаа 40 лица, објави денеска СРФ.Обвинителството на кантонот Вале уште во петокот нареди притворање на ко-сопственикот на барот, Жак Морети, по неговото сослушувањето и сослучувањето на неговата сопруга Џесика, а се чекаше судска одлука дали притворот е оправдан.Брачниот пар изразил жалење поради трагедијата и изјавил дека целосно ќе соработува со истрагата. Обвинителството засега не ја коментира судската одлука. Двајцата се осомничени за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди од небрежност и предизвикување пожар од небрежност.Во катастрофалниот пожар за време на новогодишната прослава животот го загубија 40 лица, од кои мнозинството беа тинејџери, а повредени се уште 116 лица. Првичните резултати од истрагата укажуваат дека пожарот го предизвикале прскалки кои ја запалиле звучно-изолациската пена поставена на таванот од подрумот.Неговата сопруга и ко-сопственичка Џесика, која по сослушувањето била пуштена на слобода, потврдила дека во барот се користеле прскалки. „Секогаш додаваме прскалка кога сервираме шише вино во салата за јадење“, им изјавила таа на обвинителите. Истражителите дополнително проверуваат дали во барот имало противпожарни апарати и дали излезите биле во согласност со прописите.
Свет | пред 8 часа