Марија Митева со остра реакција кон Жерновски: „Тужбата е отфрлена, фактите се јасни“
Портпаролката на Владата, Марија Митева, со остра реакција се огласи во врска со изјавите на Андреј Жерновски и партијата СДСМ, оценувајќи дека станува збор за, како што наведе, „панична и хистерична реакција“.Митева посочи дека интегритетот на Жерновски во македонската политика, според неа, е компромитиран, алудирајќи на неговите политички трансфери низ годините. Таа обвини дека неговото позиционирање во партиските тела има единствена цел – создавање негативен наратив и фрлање, како што рече, „кал“ врз политичките противници.Во однос на наводниот „скандал“, Митева истакна дека станува збор за решение донесено пред речиси три месеци, со кое тужбата на Жерновски била отфрлена, а барањето за надомест на штета одбиено како неосновано. „Тоа е правната реалност. Сè друго е свесна манипулација со јавноста“, наведе таа.Портпаролката нагласи дека, за разлика од СДСМ, никогаш не манипулирала со граѓаните и дека нејзиниот јавен настап се темели на факти и личен интегритет. Според неа, актуелните реакции од опозицијата произлегуваат од страв од одговорност и одговори на, како што посочи, отворени прашања поврзани со криминал и корупција.Митева упати и прашање за случајот со 40 тони марихуана, барајќи одговори кој сè бил инволвиран и каде води постапката. Таа оцени дека јавноста заслужува факти и отчетност, наместо, како што наведе, политички театар.Воедно ги отфрли обвинувањата дека некој управува со судовите, тврдејќи дека таквите практики припаѓаат на минатото. „Ќе продолжиме да инсистираме на владеење на правото, институционална одговорност и целосна транспарентност. Граѓаните гледаат кој нуди факти“, порача Митева, додавајќи дека политиката мора да се води со интегритет, а не со конструкции и лаги.
Македонија | пред 2 седмици