Пациентка со канцер на дојка, Катерина Цаневска, јавно реагира дека на Клиниката за онкологија повторно недостигаат клучни терапии, оценувајќи дека ситуацијата е сериозна и директно ги загрозува животите на пациентите.
„Кој си игра и се изживува врз онколошките пациенти? Повторно нема дел од терапиите кои значат живот за болните од рак. Нема Фезго, нема Палмоциклиб, нема Римоциклиб, нема и други терспии, а да не е трагично ќе беше смешно, со месеци на Онкологија нема тумор маркери“, реагира Цаневска.
Таа нагласува дека недостигот на терапија не смее да се третира како административен проблем.
„Недостатокот на терапија не е административен проблем. Тоа е пресуда, но не ни ја пишуваат посветените лекари, сестри и администрација од Онкологија, туку задолжените институции.“
Во реакцијата посочува дека додека институциите организираат конференции и даваат ветувања, пациентите се оставени да чекаат.
„Додека во салите со клима-уреди се редат конференции, презентации и празни ветувања, некаде во болничка соба некој гледа во календар и брои денови – не до подобрување, туку до следната пропуштена доза. За пациентите со карцином, терапијата не е „опција“, не е „набавка во постапка“, не е „во тек“. Таа е време. А времето, кога болеста не чека, значи живот.“
Според неа, секој прекин во терапијата носи сериозни последици.
„Кога недостасуваат овие лекови, тоа не е само бројка во извештај. Тоа се прекинати циклуси, нарушени протоколи и разнишана надеж. Болниот од рак останува без шанса да ја држи болеста под контрола. И додека институциите „координираат“, болеста напредува – тивко, немилосрдно и без пауза.“
Цаневска остро прашува дали зад состојбата стои системски неуспех или нешто повеќе.
„Изгледа некој сака болеста да не победи, да не проретчи, па да имаат помалку главоболки а повеќе заштедени пари.“
Таа додава дека на хартија системот функционира, но во реалноста пациентите се оставени да чекаат.
„На хартија, системот функционира. Во реалноста, луѓето чекаат. Чекаат лек што веќе требало да биде таму. Чекаат повик што не доаѓа. Чекаат држава што ќе ги стави пред протоколите и процедурите. И секое тоа чекање има цена – не во денари, туку во денови, месеци, животи.“
Во својата порака, таа поставува директни прашања до институциите.
„Не е прашање дали има пари. Не е прашање дали има процедури. Прашањето е: како е можно во 21 век, во држава што ветува здравство за сите, пациент со рак да се прашува дали ќе ја добие терапијата што му значи живот?”, додава таа.