Екс-директорите на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, остануваат во притвор, откако Кривичниот совет го одби предлогот на одбраната за нивно ослободување. И покрај тоа што адвокатите понудија имотна гаранција во вредност од над 350.000 евра, судијката Славица Наумова-Јосифовска оцени дека околностите не се променети и дека и натаму постојат причините поради кои претходно беше определена мерката притвор.
Судот дополнително појасни дека во оваа фаза од постапката нема надлежност да одлучува за понудената гаранција, упатувајќи ги странките на Советот кој го потврдил обвинението. Со ова, двајцата обвинети во предметот „Онкологија 2“ остануваат во истражниот затвор до понатамошна одлука.
На денешното рочиште сведочеше претставник од Државен завод за ревизија, кој изнесе наоди од ревизијата на Клиниката за 2021 година. Според ревизорскиот извештај, биле констатирани слабости и неусогласености во финансиското работење и во примената на законските прописи.
Ревизијата утврдила дека планот за набавка на биолошка терапија не бил резултат на стручен колегиум, туку се темелел на историски податоци за потрошени количини лекови, што, според сведочењето, создава ризик од селективно определување на терапијата без соодветна стручна анализа. Констатирани биле и разлики во сметководствената евиденција, односно несогласување меѓу месечните податоци за издадени лекови од аптеката и примените лекови во организациските единици на Клиниката.
Според сведокот, дел од биолошката терапија била набавувана на реверс, при што во моментот на прием и издавање не била внесена цена во материјалната евиденција. Тој посочи дека во 2021 година одлуките за тоа кои пациенти ќе примаат биолошка терапија ги носеле докторите, со одобрение од медицинскиот директор, без претходна проценка дали има доволни количини за сите пациенти на кои им е препишана терапијата. Дополнително, на Клиниката не биле донесени медицински протоколи и критериуми за примена на биолошка терапија, што, според ревизијата, создава ризик од нееднаква достапност на лековите.
Во извештајот се наведува и дека во 2021 година била набавувана биолошка терапија во период кога постапката за јавна набавка не била спроведувана од Министерство за здравство. Дел од лековите, според ревизијата, ги продавал единствен економски оператор со ексклузивно право, а начинот на набавка, како што беше посочено, влијаел врз почитувањето на начелото на конкуренција.
Судењето продолжува со вкрстени прашања од одбраната.
Во предметот „Онкологија 2“, Васев и Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што, според обвинението, го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Двајцата ја негираат вината и тврдат дека процесот има политичка заднина.