Клучните медицински параметри користени за оценување на онколошките терапии беа тема на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје, каде што продолжи судењето за случајот „Онкологија“. Предметот се води против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски.
Вештото лице д-р Владимир Даниловски одговараше на прашањата на Обвинителството за методологијата според која биле изработени наодот и мислењето за конкретните пациенти. Тој потврди дека при вештачењето биле земени предвид дејството на хемотерапијата врз здравите клетки и последиците од таквото дејство.
Како параметри за проценка на квалитетот и ефикасноста на онколошкиот третман, Даниловски ги наведе вкупното преживување, преживувањето без прогресија, стапката на туморски одговор, контролата на болеста, безбедносниот профил на терапијата и квалитетот на животот на пациентот. На прашањето кои од нив биле применети кај конкретните пациенти, тој остана на наодите содржани во вештачењето.
Одбраната приговори на дел од прашањата, наведувајќи дека вештото лице кај конкретните пациенти не споредувало различни видови третмани за да утврди кој бил подобар или полош. Судот не ги прифати овие приговори, оценувајќи дека прашањата се однесуваат на наодите и мислењата за конкретните пациенти и нивното лекување.
Судијката Снежана Марковска претходно прифати приговор на адвокатот Дељо Кадиев за долго и нејасно прашање. Таа укажа дека вкрстеното испитување треба да се спроведува постепено, преку конкретни прашања и конкретни одговори, особено при проверка на исказот и стручноста на вештото лице.
Одбраната побара и појаснување околу документацијата испратена до вештите лица во Словенија. Кадиев праша дали медицинските документи биле преведени од македонски на словенечки јазик и дали биле доставени целосните истории на болеста или само делумен и селектиран материјал.
Обвинителката Марија Ѓорѓева истакна дека на вештото лице во Словенија биле доставени сите истории на болеста со целокупната документација што се наоѓала во судскиот предмет и која била приложена кон обвинителниот акт.
Судот на почетокот на рочиштето го одби барањето на Никола Васев за изземање на техничкиот советник на Обвинителството, д-р Милан Ристески. Според образложението на судијката Марковска, неговото учество претходно било прифатено, тој бил испитан во однос на сите пациенти опфатени со обвинението, а биле изведени и неговите технички извештаи.
Наводите на одбраната во врска со учеството на Ристески судот ќе ги цени при донесувањето на одлуката за главната работа. Против решението за негово неизземање не е дозволена посебна жалба.
Васев, Црвенкова и Јакимовски се обвинети за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и за несовесно лекување болни. Во постапката првично беше опфатена и онкологот Мери Пешевска, која призна вина и доби условна казна затвор од две години.