Мајки преку „Скопје1“: Не бараме милост, туку тоа што ни следува по закон
Апел до Владата и ФЗОМ: Родилки со месеци чекаат исплата на породилниот надоместок
Мајки на породилно отсуство повторно алармираат дека со месеци се соочуваат со доцнење и неизвесност околу исплатата на породилниот надоместок, поради што бараат итна реакција од Владата и Фондот за здравствено осигурување.
На социјалните мрежи беше објавен апел во кој се наведува дека и овој месец исплатата доцни, а родилките повторно не знаат кога ќе ги добијат средствата што им следуваат.
„Не бараме ништо повеќе од она што ни следува. Породилното не е подарок, не е милост – тоа е право на секоја мајка која во најважниот период од животот треба да има сигурност и мир за своето дете“, се наведува во објавата.
Во апелот се посочува дека зад секое доцнење стојат семејства кои треба да обезбедат пелени, храна, лекови и да ги подмират секојдневните трошоци, а институциите, како што велат, не даваат никакви информации кога ќе бидат извршени исплатите.
На редакцискиот мејл на „Скопје1“ пристигна и сведоштво од мајка која вели дека проблемот не е нов, туку трае со месеци.
„Ви се обраќам како мајка на породилно отсуство, но и во име на многу други родилки кои веќе со месеци се соочуваат со истиот проблем – нередовна и неизвесна исплата на надоместокот за породилно отсуство од Фондот за здравствено осигурување.
Ова не е изолиран случај, туку проблем што трае со месеци. Секој месец родилките живеат во неизвесност, без никаква информација кога ќе ги добијат средствата што им се законски загарантирани. Во период кога треба целосно да се посветиме на нашите бебиња, приморани сме секојдневно да размислуваме како ќе ги покриеме основните трошоци за храна, пелени, лекови и сметки“, наведува мајката.
Таа преку „Скопје1“ упатува неколку прашања до надлежните институции:
– Дали постои законски рок за исплата на породилниот надоместок?
– Зошто родилките со месеци се оставени без редовни исплати?
– Зошто никој не презема одговорност и не ја информира јавноста за причините за доцнењата?
– Кога конечно ќе се воспостави редовна и навремена исплата?
„Не бараме ништо повеќе од она што ни следува по закон. Бараме почит кон мајките и новороденчињата и сигурност во еден од најважните периоди од животот“, додава таа.
Во меѓувреме, во јавниот апел објавен на социјалните мрежи се бара Владата, Фондот за здравствено осигурување и организациите кои се занимаваат со заштита на правата на жените да реагираат и да обезбедат навремени исплати.
„Не дозволувајте мајките да молат за своето право. Не дозволувајте бебињата да чекаат“, стои во пораката.
„Скопје1“ утрово испрати прашања до директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, кој беше назначен пред една недела. Од Фондот очекуваме одговори на прашањата поврзани со доцнењето на исплатите и веднаш штом ќе ги добиеме, ќе бидат објавени.