САД очекуваат Македонија да стане полноправна членка на НАТО до средината на 2020 година, до кога треба целосно да се имплементира договорот за промена на името со Грција, и покрај обидите на Русија да го поткопа.
Договорот во спорот за името меѓу Македонија и Грција отстрани голема пречка за членството на Македонија во ЕУ и НАТО, и овој чекор ќе го намали руското влијание во регионот, вели во интервју за агенцијата Ројтес, американскиот помошник-заменик државен секретар Метју Палмер.
„Нема ниту една причина да не веруваме дека Северна Македонија ќе стане 30 членка на НАТО веќе за 18 месеци од денес“.
Во разговорот Палмер изразува загриженост поради „малигното влијание“ на Русија како во Македонија, така и во останатите земји од Западниот Балкан.
Тој ја обвини Русија дека се обидува да ги поткопа владите и институциите со цел да го запре напредокот на регионот кон евроатлантската интеграција. Москва ги отфрла таквите обвинувања со контраобвинување дека Западот се меша во внатрешните работи на земјите од Западниот Балкан.
„Не е Русија таа која решава што ќе прави Македонија во однос на нејзините врски со европските и евроатлантските институции“, рече Палмер.