Микробиологот Никола Пановски преку објава на социјалните мрежи остро ја критикуваше, како што вели, нефункционалноста на институциите, посочувајќи дека поради неплатена фактура од 16.500 денари веќе две години е блокиран проект вреден седум милиони евра за водоснабдување во Гостивар.
Пановски наведува дека информацијата ја слушнал во телевизиски вести, каде ЈП „Комуналец“ – Гостивар соопштило дека швајцарски грант во вредност од седум милиони евра е блокиран затоа што ЈП за државни патишта не издало одобрение за поставување цевковод во должина од 600 метри.
Од друга страна, ЈП за државни патишта одговорило дека барањето било поднесено во февруари 2024 година и дека одговорот бил изготвен, но не бил доставен бидејќи комуналното претпријатие не ја платило фактурата за услугата во износ од 16.500 денари.
„Во меѓувреме се сменија и централната и локалната власт, а проектот остана заглавен. За 16.500 денари е закочен проект вреден седум милиони евра, а можеби ќе беше избегната и епидемијата, а Гостивар ќе имаше чиста вода под притисок“, напиша Пановски.
Тој оценува дека поради бирократијата страда цел град, а штетата е многукратно поголема од вредноста на спорната фактура.
„Неверојатно, но вистинито“, заклучува Пановски, повикувајќи се на информациите објавени во телевизиските вести.