Почитувани, Долго размислував дали и како да ја објаснам ситуацијата во која без вина испаднав виновен? Но сфатив дека е потребно да се огласам и да кажам дека ако се’ остане како штоодлучи Владата со сиот свој човечки дигнитет и професионалност како дипломиран правник ќе се залагам задачата што ми е доверена да ја извршувам совесно и одговорно, вели новоназначениот директор на НУ „Галичица“ .
Одделни медиуми при споделувањето на информацијата за тоа дека владата на РМ со одлука ме назначила за директор на ЈУНП „Галичица“ напишаа дека сум партиски активист, координатор на СДСМ за Петтата изборна единица и важам за некомпромитиран млад политичар.Тоа во целост е точно и нема што да се негира додава и одзема. Секаде каде што досега сум бил ангажиран сум работел чесно и одговорно, водејќи сметка за проектите и предизвиците кои биле пред мене. И не би требало да постои сомнеж во стилот дека сега ќе биде поинаку. Изненаден сум од дел од вработените во институцијата кои во понеделникот го изразија својот револт од сознанието дека јас ќе седнам на директорското место, на местото досегашниот вршител на должноста директор Андон Бојаџи и дека со тоа во НУ „Галичица“ колата ќе тргне надолу. Само ќе го парафразирам владиниот портпарол Миле Бошњакоски кој на прес со новинарите рече:
- Владата смета дека не го прекршила законот.Постапката за назначување е запазена во целост. Се работи за в.д. директор кој претходно беше поставен, што значи вршител на должност. Одлуката е донесена на минатата владина седница во вторникот Бојаџи е разрешен и за директор е поставен Васко Паскали.
Сакам да ги уверам вработените а и граѓанските организации кои се големи поборници на заштита на природата и НП „Галичица“ децении на ред дека со ништо нема да ја нарушам патеката на развој на Паркот трасирана од претходникот Бојаџи и дека и натаму сум подготвен да соработувам со него и тој да ги продолжи проектите кои се во интерес на сите во Јавната установа, вклучувајќи го и него. Не треба да потсетувам, верувам мнозина знаат дека мојата политичка опција СДСМ која сега ја има локалната и централната власт во Македонија претходно грчевито се бореше против идејата за градба на експресен пат среде Галичица и за редица преземања кои ни оддалеку не беа приоритет на институцијата.Среќни сме што тие проекти за градби под плаштот на Субрата Рој не се остварија. Не држи тезата дека дипломиран правник не може да биде директор на националниот парк „Галичица“ туку мора да е само стручно лице. Повторувам дека сиот кадровски потенцијал на установата ќе биде вклучен и натаму во одржливоста и финансирањето на паркот.
Ја сметам за недолична и тезата што се прошири во јавноста: -Ете партиските кадри на СДСМ намирисале пари во ЈУ НП „Галичица“ и им се намерачиле да ги потрошат. И мојот претходник – в.д. директор Бојаџи признава дека Јавната установа е на самофинансирање и дека проектите се добредојдени и дека многуте пари кои се споменуваат а треба да дојдат од странски донатори се’ уште не се знае дека ќе ги добиеме и реализираме. Затоа апелирам до сите вработени и мои нови колеги да се обединиме да го искористиме моментот, да поминат проектите кои ќе ни овозможат колку – толку сигурно функционирање на установата.
Да се фокусираме на нови проекти и заеднички да си обезбедиме помирна иднина, вели Паскали.