Сè повеќе патници се откажуваат од долгите, непрекинати трансфери до најпознатите европски туристички дестинации и патувањето го претвораат во можност за откривање помалку познати градови и знаменитости.
Според податоците на платформата „Daytrip“, специјализирана за меѓуградски автомобилски трансфери, патниците сè почесто и самото патување го вклучуваат во своето туристичко искуство, запирајќи на места кои досега често останувале во сенка на големите и популарни дестинации.
Врз основа на резервациите за летната сезона, главно направени од американски туристи кои патуваат низ Европа, „Daytrip“ состави листа на десетте најпопуларни европски локации на кои патниците прават пауза меѓу своите главни дестинации.
На листата се најдоа и три локации од регионот – Плитвичките Езера и Стон во Хрватска, како и Мостар во Босна и Херцеговина, кој се најде на високото четврто место.
„Наместо со часови само да се возат од една дестинација до друга, патниците го прекинуваат патувањето за да посетат историски градови, локалитети под заштита на УНЕСКО и други знаменитости“, наведуваат од платформата „Daytrip“.
Според „Daytrip“, десетте најпопуларни попатни дестинации во Европа се:
Помпеја, Италија
Обидош, Португалија
Чески Крумлов, Чешка
Мостар, Босна и Херцеговина
Коимбра, Португалија
Авеиро, Португалија
Национален парк Плитвички Езера, Хрватска
Стон, Хрватска
Стоунхенџ, Англија
Братислава, Словачка
На врвот на листата е Помпеја, исклучително добро сочуваниот римски град кој се наоѓа на Листата на светско наследство на УНЕСКО. Од Неапол, Соренто и Равело е оддалечен помалку од еден час возење, што го прави идеална попатна дестинација.
Поради високите летни температури што ова лето ја зафатија Италија, но и голем дел од Европа, од „Daytrip“ им препорачуваат на посетителите да понесат заштита од сонце, удобни обувки и доволно вода, бидејќи на археолошкиот локалитет нема многу сенка. Исто така советуваат посетата да биде во раните утрински часови за да се избегнат најголемите горештини и метежот.
Според проценката на платформата, за разгледување на главните знаменитости на Помпеја се доволни околу четири часа. Оние кои располагаат со повеќе време можат да ја прошират посетата со излет до блискиот вулкан Везув, каде пешачката патека води до работ на кратерот, од кој се отвора импресивен панорамски поглед кон Неаполскиот Залив.