Од 1-ви јануари 2019 година пазарџиите ќе треба да почнат да се снабдуваат со лиценци, согласно имплементацијата на Законот за зелени пазари. Со новата лиценца оние кои ќе ја добијат ќе можат да продолжат да работат во зелените пазари.
Лиценцата еден пазарџија за една тезга годишно ќе го чини 60 евра во денарска противвредност, додека за втора, трета или секоја следна тезга дополнителни 40 евра.
-Меѓутоа, тука има проблеми и пропратни барања што во соработка со државните институции мораме да ги решаваме. Бараме целосна соработка од страна на организаторите на пазарите, затоа што издавањето лиценци е голем процес што мора да се одвива со заедничка соработка меѓу организаторите на пазарите и Комората на трговци. На пример, лиценца може да ни побара лице кое работи на пазарот во Битола, Прилеп или Охрид, а ние ќе треба да му ја издадеме, иако не сме сигурни дали тоа лице поседува тезга во одредениот пазар, истакна претседателот на Комората на трговци на Македонија Екрем Долек.
Пензионерите, пак за да имаат стаж ќе треба да плаќаат по 2.000 денари годишно, бидејќи тие како Комора успеале да ги стават во поевтината тарифа земјоделец-поединец.
Во однос на тоа кој може да продава на зелените пазари, правната советничка/надворешен соработник на Комората на трговци Анета Стојановска рече дека оваа прашање согласно Законот за зелени пазари е регулирано во член 7 од Законот за трговија на зелени пазари.