„Ги разбирам граѓаните кои решија да не излезат на гласање и на тој начин да ја упатат пораката. Тоа е нивно право и верувам дека политичарите ја примија пораката. Но, јас сум уверен, дека најголем дел од нив се за европска иднина на Македонија. Петти мај е последниот датум кога ќе можат да ја потврдат оваа заложба и да ја обезбедат сопствената иднина. Убеден сум дека ќе излезат и ќе гласаат за мене“, рече Пендаровски на денешната прес-конференција.
„Во вториот круг ја очекувам поддршката од граѓаните кои гласаа за Блерим Река. Ги повикувам масовно да излезат на гласање. Знам дека огромен број од нив ја поддржуваат мојата визија за европска и интегрирана Македонија, наспроти блокадите кои ги најавува Сиљановска. Ги повкувам да гласаат по свое убедување“, додаде тој.
„Не сум сигурен дека го изгубивме Скопје. Бројките се поделени, од Сарај до Чаир. Од она што го знам од теренските извештаи, мислам дека сите 31 политичка партија кои застанаа зад мојата кандидатура беа ангажирани со мобилизација на своите гласачи. Не можам да увидам дека некој од нив седел дома и не работел“, рече Пендаровски откако беше запрашан дали сите коалицики партнери работеле на терен за негова победа.
„Многу работи се променија од претходните избори до сега. Последниве две години направивме неколку тешки одлуки и компромиси. Зборувам за договорите со Грција и Бугарија, Законот за јазици, за кои имаше сериозни отпори од главната опозициона партија кои продолжуваат и натаму. Споредбата меѓу 2014 година и 2019 година е само во тоа што сега имавме демократски избори, а тоа го потврдуваат сите. Многу вода протече низ Вардар за да ги споредуваме тие работи. Во тој период бевме без пристап до медиуми, администрацијата беше блокирана, меѓутоа, политичките одлуки кои ги преземавме од 2016 па наваму, влијаеа на изборниот резултат“, рече Пендаровски, запрашан за споредба меѓу изборите во 2014 кога тој немаше поддршка од коалициските партнери.