Пензиите во септември би можеле да се зголемат за 3 до 3,5 проценти, а конечниот процент ќе биде познат на почетокот на септември, откако ќе бидат достапни последните податоци за август, најави министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.
Тој во гостување на ТВ Сител посочи дека зголемувањето ќе биде дел од септемвриската пензија, која пензионерите ќе ја добијат на 1 октомври.
„Се чека да заврши август и веќе следната недела ќе ги имаме параметрите и ќе излеземе со конкретни бројки, бидејќи треба да влезат во исплата на септемвриската пензија што ќе се земе на 1 октомври“, рече Велковски.
Министерот додаде дека засега останува во сила законската одредба според која пензиите се усогласуваат процентуално. Тој потсети дека претходно пензиите беа зголемени линеарно за 7.000 денари.
Велковски најави дека евентуални дополнителни интервенции ќе зависат од движењето на економските и другите параметри во земјата. Следното редовно усогласување, според него, е предвидено за март 2027 година.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека пензиите ќе растат согласно законските одредби, со цел да се обезбеди нивна заштита и предвидливост.
„Да, тоа ќе биде редовно нивелирање, усогласување согласно закон“, рече Мицкоски, додавајќи дека идните зголемувања ќе се вршат преку законски предвидените усогласувања.