Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија – СГИП, Иван Пешевски на социјалните мрежи објави статус во кој вели дека кога законите се само во интерес на бизнисот и функционерите, треба да се сменат и да важат и за работниците.
„Писмо за добра ноќ,
Парички, дијалог, навреди, обвинувања, спинови, политички игри, татини синчиња се само дел од насловите по големиот работнички протест одржан на 28/01/2026та година.
Работниците извикуваа од мака, политичарите броеја и пробуваа да докажат дека нема потреба од ад хок решенија туку Законите се тука за да се почитуваат. Во потполност се согласувам, но кога законите се само во интерес на бизнисот и функционерите, ред е да ги смениме и да важат и за работниците.
Во време на сиромаштија, лоши услови за работа, немање контрола за работно време, нелојална конкуренција, нефер трговски практики, метар квадратен 3.000 евра, голем процент сива економија и многу други чудни нешта, власта реши да омаловажува работничка класа односно луѓе од кои се стекнала со власт, луѓе кои работат чесно во фабрики, претпријатија, судови, болници, училишта, општини, министерства, градилишта, војска, маркети, рудници и многу други разни дејности. Убаво објаснети формули со парички, но парички нема, односно има само за 1080 избрани и именувани функционери.
Предлозите на синдикатите се политички, популистички итн. Во меѓувреме сите синдикалци, барем оние што се борат јавно, признаа дека ниту се членови, ниту дел, ниту имаат било каква поврзаност со било која политичка партија. Истите тие со многу докази го работеа истото барем од кога се на функција, последниве 7-8 години. Не прашувајте веќе каде бевме пред 35 години, не бевме ни Прво одделение, за жал.
Многу е тешко, но запомнете тешко е само за момент, кога друг синдикат, претставници на влада и газди ве напаѓаат на економско-социјален совен, кој ниту е конструктивен ниту дава можност да се пожалите во име на работниците. Напротив, се смеат, омаловажуваат, бараат бројки, статистики, аналитики со кои морало да се докаже зошто се бара зголемување на платите на вработените. Најверојатно на тие луѓе друг им пазари, па не пратат цени. Најверојатно вие и ние сме виновни што бараме плата за живот, а со нашиот и ваш труд они уживаат луксуз, плати колку 5 минимални, бенефици и многу повеќе, ама бенефициран стаж се помалку има затоа што условите за работа, технологија и дигитализација допринела да ние сме сигурни на своите работни места.
Другари, секој ден во просек еден од нас се повредува. Секој месец во просек двајца не се враќаат дома поради повреди со фатални последици. И не секогаш повредите се физички видливи. Преку 40.000 вработени се на минимална плата. Преку 73% се на плата до просечната. Преку 200.000 граѓани живеат на праг на сиромаштија. Податоциве не ги измислувам, туку ги прибирам од Државен завод за статистика, Управа за јавни приходи, Народна банка, а најреални се исплатните листови од плата на секој еден работник што дошол во синдикат да ми покаже. Не сте останале без струја, не сте останале без дрва, не ви доцнела плата затоа не знаете што е мака, но барем признајте дека некој што говори јасно и гласно во име на работниците е чист и не лаже, туку ве ‘’убива’’ со факти и аргументи секој ден.
И да, најважно од се, тој некој не е политичка партија, не е платен од никој друг освен од работникот, не е татин син, не блада, нема розеви очила, нема 2.000 евра плата туку гордо стои во прв ред со сите кои што ќе го земат вашиот легитимитет и комодитет. Не е македонскиот работник гневен од работа, гневен е од 35 години неправда. Гневен е што чека денар повеќе од иселеното дете да покрие трошоци со солзи во очи додека го гледа на вибер. Гневен е што ништо не оддржувате од тоа што го изградил.
Држава изградија, без плата ги оставивте. Градежен инженер 35.000 денари плата, Шумарски инженер 28.000 денари плата, Ѕидар 30.000 денари плата, ама затоа Директор – никој не знае, Министер преку 2.000 евра, пратеник исто, гувернер – не ме потсетувајте. Лесно е со плата од народ да пеете заветна, пејте ја само кога не ве гледа барем оној што ја пее од срце. Нема компромис во борба три спрема еден, а рамо до рамо работници со нас ќе има. Поздрав и добра Ви ноќ работници, а на вас 1080 избрани и именувани + газди не знам со каква совест ќе легнете.
P.S. Ставовите во текстот се само на авторот и не прикажуваат став од органите и телата на синдикатот. Сите случајности СЕ НАМЕРНИ. Дозволено е копирање, реобјавуање и нема авторски права.
P.P.S. Сликата е од еден протест и штрајк на претходната влада“, вели Пешевски