Пет години по трагичниот пожар во модуларната болница во Тетово, семејствата на 14-те жртви сè уште бараат целосна одговорност и правда. Во пожарот на 8 септември 2021 година загинаа 12 пациенти лекувани од Ковид-19 и двајца нивни роднини.
Семејствата велат дека и по пет години не добиле одговор кој е одговорен за трагедијата. Дополнително разочарување предизвика и одлуката на Основното јавно обвинителство во Скопје од пред две недели да го затвори предметот за пожарот.
„Пет години по трагедијата, сè уште не ја добивме правдата што ја заслужуваме. Беа спроведени истраги и вештачења, но сè уште не знаеме кој е одговорен за смртта на 14 жртви“, вели Мумин Исмаили, кој во пожарот ја загубил мајка си.
На петгодишнината, иницијативата „Подобро за Тетово“ постави спомен-плоча во чест на жртвите. Во меѓувреме, ветениот меморијален парк не е изграден, а просторот каде што се наоѓаше модуларната болница денес е обраснат со трева и трње и се користи како паркинг.
Според германското вештачење, пожарот бил предизвикан од кабел. Во судската постапка, двајцата директори на болницата беа осудени на по три години затвор, додека дежурниот лекар беше ослободен од обвиненијата.
Семејствата на жртвите и натаму бараат одговорност за причините и пропустите што довеле до трагедијата и порачаа дека, пет години подоцна, нивната борба за правда продолжува.