Генераторите на слики базирани на вештачка интелигенција стануваат сè поумешни во создавање човечки лица кои често изгледаат пореално од вистинските. Сепак, ново истражување покажува дека постои релативно едноставен начин луѓето значително да ја подобрат способноста за препознавање на ваквите лажни лица, објави Science Alert.
Истражувачи од Обединетото Кралство ја тестирале перцепцијата на 664 волонтери, поделени во две групи. Првата група била составена од таканаречени „супер-препознавачи“ – лица кои во претходни тестови покажале исклучителна способност за препознавање и паметење човечки лица. Втората група била составена од лица со просечни способности.
Резултатите покажале дека и двете групи имале сериозни тешкотии во разликување на вистински лица од оние создадени со вештачка интелигенција, иако супер-препознавачите биле нешто поуспешни.
Во рамки на истражувањето, учесниците извршувале два различни теста. Во првиот, им било прикажувано по едно лице, при што требало да одлучат дали станува збор за вистинска фотографија или за слика генерирана од вештачка интелигенција. Во вториот тест, истовремено им биле прикажувани едно вистинско и едно вештачко лице, со задача да го идентификуваат лажното.
Кај учесниците кои не поминале обука, супер-препознавачите точно ги идентификувале лажните лица во 41 отсто од случаите, додека кај лицата со просечни способности точноста изнесувала само 31 отсто. Со оглед дека половина од прикажаните фотографии биле лажни, ова укажува дека вештачки генерираните лица се толку убедливи што дури и случајното погодување би било поуспешно.
Клучниот пресврт се случил по кратка, петминутна обука. По неа, лицата со просечни способности ја зголемиле точноста на 51 отсто – приближно на нивото на случајна проценка. Сепак, кај супер-препознавачите резултатите биле значително подобри: тие успеале да ги препознаат лажните лица во дури 64 отсто од случаите.
Во текот на обуката, учесниците биле насочени да внимаваат на суптилни визуелни детали кои можат да ја оддадат вештачката интелигенција, како недостасувачки или нејасно прикажани заби, неприродно заматување околу косата или кожата, како и невообичаени текстури на лицето.
„Сликите генерирани од вештачка интелигенција стануваат сè полесни за изработка, а сè потешки за откривање“, изјави психологињата Ејлид Нојс од Универзитетот во Лидс. Таа предупреди дека ваквите технологии можат да се злоупотребат за измами, кражба на идентитет и лажни профили на социјалните мрежи.
Технологијата зад овие слики се нарекува генеративна спротивставена мрежа (GAN), систем во кој два алгоритми работат заедно – едниот создава слики, а другиот ја оценува нивната реалистичност. Со текот на времето, ваквите системи стануваат сè подобри, што ги прави сериозна безбедносна закана во дигиталниот простор.
„Нашиот метод за обука е краток и лесно применлив“, изјави Кејти Греј, истражувачка од Универзитетот во Рединг. „Комбинирањето на ваква обука со природните способности на супер-препознавачите може да биде од голема корист за реални ситуации, како проверка на идентитет на интернет.“
Истражувањето е објавено во научното списание Royal Society Open Science.