На опасната кривина на експресниот пат Прилеп–Градско, каде дозволената брзина се намалува од 110 на 40 километри на час, за два месеци загинаа пет лица, а едно дете беше тешко повредено. Пред два дена, две лица од Делчево го загубија животот откако со автомобилот излетаа од патот при исклучувањето. Ден претходно, скопјанец кој не успеал да сврти на кривината, веројатно и движејќи се со неприлагодена брзина, удри во заштитната ограда и ја качи над кровот на автомобилот.
Според надлежните, веќе е изготвено ново сообраќајно решение за поставување на знаци и предупредувања, кое по одобрување ќе се спроведе на терен. Но, возачите велат – промените мора да бидат итни.
Читатели на „Скопје1“ укажуваат дека проблемот не е само во брзината, туку и во лошо поставената сигнализација:
„Знакот 40 треба да стои барем на 500 метри пред исклучувањето, па потоа уште еден на 200 метри и непосредно пред кривината. Сега е поставен предоцна и остава премалку време за реакција“, вели Милена М.
„Од 110 на 40 одеднаш – ретко кој навреме ја намалува брзината, а кривината е опасна. Треба повеќе предупредувачки знаци – 80, 60, па 40“, предупредува Илчо С.
„Толеранцијата за грешка е премногу мала, а наглото вртење веднаш по автопат е изненадување за возачите“, додава Шеро М.
Освен критиките за сигнализацијата, возачите посочуваат и други проблеми – лоша осветленост, теснење на коловозот, оштетени пластични столпчиња и нелогично обележување на патот.
„Овој пат е промашена работа, мора да се направат измени на оваа кривина“, порача Зоко Ј., додека Стефан С. реагира: „Дваесет пати сум возел и се чудев кој го обележувал патот – логика нема.“
До реализацијата на новото сообраќајно решение, овој дел од патот останува „црна точка“ на македонските патишта.