Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, соопшти дека СДС, Зоран Заев и Венко Филипче ги злоупотребувале Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) и дека биле прислушкувани претседателот Христијан Мицкоски, новинари и бизнисмени. Според него, во периодот 2019–2024 службите наместо за државата работеле за СДС со цел политички прогон и хајка против ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски, замолчување на новинари и уцена на бизнисмени.
„Ова е скандал од невидени размери... 7 години потоа вистината е поинаква, грда, но и болна,“ рече Петрушевски, додавајќи дека „СДС како тогашна власт ја следела опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ,“ со „белешки, инструирани и фабрикувани случаи“ и „употреба на државен апарат за политичка елиминација“.
Тој наведе дека, според сознанијата, Мицкоски бил ставен на оперативна обработка „неосновано и со една единствена цел – политичка елиминација“ од службите „кои ги воделе кадри на СДС“. Петрушевски посочи: „АНБ на Виктор Димовски и Заре Милошески, како и АР на Еролд Муслиу го следеле претседателот Христијан Мицкоски, неговото движење, неговата комуникација и неговото делување.“
„Следењето на политички противник, заради негова политичка елиминација со помош на државни ресурси е крајно тоталитаристички чин и метод...“ изјави тој, додавајќи дека со тоа биле загрозени слободата на движење, говор и политичко организирање на Мицкоски. Според Петрушевски, ваквите сознанија „во многу подетална форма, поткрепена со факти“ ги има и Јавното обвинителство.
Прашања што, според Петрушевски, мора да добијат одговор
„Кој бил одговорен да го следи издавањето на ПИМ мерките од 2019-та до 2024-та година? Дали е всушност сегашниот јавен обвинител Љупчо Коцевски? Ако тоа е така, станува сосема јасно зошто СДС и ДУИ не гласаа за негово разрешување. Дополнително, денес Венко Филипче е опкружен со истите луѓе кои прислушкувале и злоупотребувале државен систем. Истите тие се дел од понудата на СДС.“
„Кому и зошто му служеле прислушкуваните материјали? Во која европска држава се следи лидер на најсилна партија и новинари и медиуми? Дали со добиените информации се тргувало со влијание и се уценувале бизнисмени?“
Петрушевски порача: „Бараме ЈО итно, и недвосмислено да отвори случај и да бара одговорност од Виктор Димовски, Заре Милошески и Еролд Муслиу и нивните политички наредбодавци во врвот на СДС. Тоа што во Македонија било пракса 5 години... мора да биде казнето и никогаш да не се повтори.“