По три децении од последниот упис, Македонија повторно добива генерација ученици кои средното образование ќе го завршат со професија полициски службеник. Наставата за првата генерација од обновеното Средно полициско училиште „7 Мај“ денеска официјално започна со 310 ученици.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ја посети Полициската академија, каде што на првите десет кандидати свечено им ги врачи договорите за школување и им посака успех во образовниот процес.
„Конечно, по 30 години од последниот упис во Средното полициско училиште во Македонија, имаме нова генерација идни полициски службеници, кои за две години ќе се стекнат со професијата полициски службеник“, изјави Тошковски.
Тој посочи дека во следните две години учениците ќе поминат низ образовен и професионален процес, во кој значајна улога ќе имаат професорите, менторите и едукаторите, но најмногу самите ученици со својот труд и посветеност.
„Сигурен сум дека по две години ќе можеме да се гордееме со нова генерација полициски службеници со завршено Средно полициско училиште“, порача министерот.
Тошковски им се заблагодари на сите кои во изминатите две години биле вклучени во повторното воспоставување на училиштето.
Обновувањето на Средното полициско училиште „7 Мај“ е дел од напорите за зајакнување на кадровските и образовните капацитети на МВР и создавање нови генерации професионални и обучени полициски службеници.