По повеќемесечниот застој, единствениот ПЕТ/КТ скенер во земјава повторно започна со работа, со што конечно се отвора можност за реализација на прегледите на пациентите кои долго време чекаат. Од денеска се вршат снимања, а според министерот за здравство Сашо Клековски, за првиот ден се закажани девет пациенти.
Нефункционирањето на апаратот особено ги погоди онколошките пациенти, за кои ПЕТ/КТ снимањето е важно за да се утврди дали терапијата дава резултат и дали лекувањето треба да продолжи или да се промени. Поради долгото чекање, дел од пациентите бараа алтернативи во странство или во приватни здравствени установи, каде еден преглед чини околу 1.300 евра.
Клековски денеска потврди дека апаратот е повторно активен и дека е обезбедена потребната количина радиоизотоп.
„Ја имаме неопходната количина на радиоизотопот. Комуницираме и со Софија и со Истанбул, сакаме да обезбедиме алтернативи за да може ПЕТ-скенерот да работи и во сабота“, изјави министерот.
Планот на Министерството е значително да се зголеми бројот на снимања. Во текот на минатата година биле направени околу 2.700 ПЕТ/КТ прегледи, што според Клековски е максималниот капацитет што апаратот можел да го постигне годишно. До редовното сервисирање, пак, биле реализирани околу 1.100 снимања.
Целта сега е бројката да се зголеми на меѓу 5.000 и 6.000 снимања годишно. ПЕТ/КТ дијагностиката не се користи само кај онколошки пациенти, туку има значајна примена и во неврологијата.
Дополнително, се разгледува можноста за набавка на втора ПЕТ камера. Според здравствените власти, со тоа би се зголемил вкупниот капацитет и би се намалило времето кое пациентите го поминуваат на листите на чекање.
Проблемот со единствениот ПЕТ-скенер беше објавен на почетокот на август, кога беше соопштено дека апаратот е надвор од функција поради дефект поврзан со опремата потребна за производство на радиоизотопи. Неколку дена подоцна, од Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија информираа дека овластениот сервисер работи на отстранување на дефектот.
ПЕТ/КТ снимањето е особено важно при следењето на малигните заболувања. Со оваа метода лекарите можат да ги откријат и локализираат туморите, да утврдат дали болеста се проширила и да проценат како пациентот реагира на терапијата. Врз основа на резултатите се носат одлуки за понатамошниот тек на лекувањето.
Од Институтот претходно посочија дека дефектот бил поврзан со производствениот процес на радиоизотопите. Беше укажано и дека во изминатите години не бил следен протоколот за превентивно одржување на дифузионата пумпа, кој предвидува, меѓу другото, нејзино чистење и замена на маслото на секои пет години.
Во периодот додека скенерот не работеше, Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија биле информирани за потребата од дополнителна тријажа на пациентите и примена на други дијагностички методи.
Со повторното ставање во функција на апаратот, започнува постепеното реализирање на закажаните снимања, додека Министерството најавува мерки со кои треба да се обезбедат поголем капацитет и поконтинуирана ПЕТ/КТ дијагностика.