Промени тема
Контакт

По тешко боледување почина Атанас Вангелов

Скопје1.мк's avatar
Автор: Скопје1.мк

објавено пред 4 години -

Македонија
atanas-vangelov

По тешко боледување денес почина Атанас Вангелов, писател, универзитетски професор, теоретичар и лингвист, преведувач, полемичар, соопшти Друштвото на писатели на Македонија.

Со својата богата дејност во литературната сфера се профилираше како врвен познавач на структуралистичкиот метод, како прецизен критичар-валоризатор на современата книжевна продукција, како остар и аргументиран полемичар и како автентичен творец во неколку книжевни жанрови.

Роден е на 6 февруари 1946 година во Богданци. Член е на ДПМ од 1967 година.

— реклама —

Атанас Вангелов е автор на десетина поетски книги (од кои три се наградени со престижните награди: „Млад борец“, „Браќа Миладиновци“ и „Григор Прличев“). Неговиот поетски опус го сочинуваат збирките: Земјата на цветот (1966), Препев на планината (1970), Живеалиште (1974), Глетки и привиденија (1977), Преданија (1978), Строго доверливо (1985), Траги (1991), На безгласје глас (поема, 1994), Водопад (1998), Изучување на молкот (2008). Автор е и на романот Див занес (2001), како и на драмските текстови: Мистер Порфирие (1971), Неодредени лични заменки (1986).

Централно место во неговото творештво заземаат теоретските, критичките и полемички студии, меѓу кои се издвојуваат: Литературни студии (1978), Артизмот и современата македонска поезија (1978), Решето (1985), Семантичките фигури во македонската народна лирика (1987), Преписите на Божин Павловски (1992), Микрочитања (1993), Исказот и стварноста (1995), Морфологија на бо(љ)шевизмот (1998), Про ет контра – македонизми (1998), Маките на Моцарт од Жван (2007), Деспот Караѓоз (2010). Вангелов е еден од најдобрите познавачи и толкувачи на делото на Блаже Конески, што се потврди со објавата на неговите најнови филолошки студии: Лирската биографија на Конески (2020) и Филолошката критика на Конески (2021), кои требаше да бидат заокружени и со трета книга која, за жал, останува во работна верзија, како последен ракопис на кој работел Вангелов. Важноста на првата книга од оваа трилогија беше верификувана и со доделувањето на наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за 2020 година.

— реклама —

Вангелов беше и значаен преведувач од француски јазик: Цветан Тодоров, Поетика (1990), Дикро/Тодоров: Енциклопедиски речник на науките за јазикот I-II (1994), Група автори: Теорија на прозата (1996). Меѓу преведените наслови е и драмата Праведници од нобеловецот Албер Ками за кој во 2021 година Атанас Вангелов ја доби наградата за најдобар превод од Европската мрежа за драма и превод „Еуродрам“ од Париз.

— реклама —

Покрај веќе посочените награди, добитник е и на наградите: „Божидар Настев“ (Поетика), „Златно перо“ (Енциклопедиски речник на науките за јазикот), „Григор Прличев“ (На безгласје глас), а оваа година му беше доделена наградата „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката и образованието.

Со загубата на Атанас Вангелов македонската книжевност губи еден од најверзираните и најостри критичари и проследувачи на книжевната продукција кај нас, и во историска перспектива, и во однос на современата книжевност од најнов датум.

Сподели

Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели како слика
Google Постави го Скопје1 за твој Google извор
Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања