Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, со објава на социјалните мрежи соопшти дека по период исполнет со здравствени предизвици повторно се враќа на своето работно место, истакнувајќи дека ова за него претставува лична победа и нов почеток.
Во објава на социјалните мрежи, Лукровски наведува дека изминатиот период бил едно од најголемите искушенија во неговиот живот и дека токму тоа искуство го научило дека вистинската сила не е никогаш да не паднеш, туку секогаш да најдеш начин повторно да станеш.
Тој изрази благодарност до заменик-градоначалникот за поддршката и професионалноста, како и до својот тим, вработените и советниците во Општина Карпош. Благодарност упати и до семејството, пријателите, лекарите, сограѓаните и сопартијците, кои, како што наведе, биле покрај него во најтешките моменти.
Лукровски јавно му се заблагодари и на премиерот Христијан Мицкоски за, како што наведе, човечноста, поддршката и помошта во текот на неговата борба.
Воедно, тој ги демантираше, како што рече, сите шпекулации и невистини поврзани со неговото име, изразувајќи разочараност што, според него, одредени поединци и политички партии се обиделе да стекнат политички поени врз основа на неговата здравствена состојба.
„Само оние кои недоволно ме познаваат може да поверуваат дека сум се откажал. Се враќам со нова енергија, со уште поголема посветеност и со јасна цел – да продолжам да работам одговорно, чесно и во интерес на граѓаните и развојот на Општина Карпош“, порача градоначалникот Сотир Лукровски.