Хрватската книжевница, новинарка и колумнистка Ведрана Рудан почина на 77-годишна возраст по долга и тешка болест, објавено е на нејзината официјална страница на Фејсбук. Веста за нејзината смрт е соопштена со порака дека „заминала на место без сигнал“, а информацијата ја потврдиле и извори блиски до Рудан.
Рудан беше една од најчитаните и најконтроверзни современи хрватски авторки, препознатлива по директниот, остар и провокативен стил со кој често ги критикуваше општествените појави, политичарите и носителите на власта.
Родена е на 29 октомври 1949 година во Опатија. Дипломирала хрватски и германски јазик на Педагошката академија во Риека, а во текот на животот работела како наставничка, туристички водич, продавала сладолед и повеќе од две децении била новинарка во различни хрватски медиуми, меѓу кои „Национал“ и „Ферал трибјун“, како и на радио.
По напуштањето на новинарството, целосно се посветила на книжевноста. Објавила 17 книги, меѓу кои романи, збирки текстови и автобиографија. Голема популарност стекна со дебитантскиот роман „Уво, грло, нож“ од 2002 година, а меѓу нејзините позначајни дела се „Љубов на последен поглед“, „Јас, неверничката“, „Костурите на округот Медисон“, „Маж во грлото“, „Танц околу Сонцето“ и „Доживотна робија“.
Нејзините дела се преведени на повеќе јазици, а дел од нив се адаптирани и за театар.
Во своите текстови Рудан често пишуваше за феминизмот, семејното насилство, лицемерието во општеството, брачните односи, стареењето, национализмот и политичките елити. Јавно зборуваше и за својата борба со ракот.
Со својата бескомпромисна критика и препознатливиот остар јазик, Ведрана Рудан остави силен белег во современата хрватска книжевност и јавниот живот.