Македонскиот поет, раскажувач, романсиер, публицист и енциклопедист Јован Павловски почина денеска во 89-тата година од животот, информираа од Друштвото на писателите на Македонија.
Павловски беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1962 година, а во три наврати ја извршуваше и функцијата претседател на ДПМ – од 1992 до 1996 година и од 2006 до 2008 година.
Роден е на 10 септември 1937 година во Тетово. Во текот на својата богата и плодна кариера остави длабока трага во македонската литература, новинарство и култура.
Павловски беше долгогодишен новинар и уредник во „Нова Македонија“, како и дописник на весникот од Париз и Москва. Работеше и како професор по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Тој е автор на бројни поетски збирки, меѓу кои „Август“, „Медеја“, „Идентитет“, „Строгоста на живеењето“, „Одработен страв“, „Ноќна поема“ и други. Зад себе остави и значајни прозни дела, романи, раскази, книги за деца и млади, како и повеќе од десетина енциклопедии посветени на македонската историја, уметност и култура.
Со своето творештво и долгогодишна јавна дејност, Јован Павловски остави значаен белег во современата македонска книжевност и културен живот.