Со двенеделно одложување поради епидемиолошката состојба во Македонија, денеска стартува второто полугодие за учениците во основните и средните училишта, а како што одлучија здравствените власти, наставата продолжува со физичко присуство.
И покрај пролонгираниот почеток, учебната 2021/2022 ќе заврши во редовниот термин – 10 јуни 2022 и за таа цел Владата на седница веќе го утврди бројот на наставни денови во вонредни околности. Во сите училишта (основни и средни) се утврдени 172 наставни денови, освен за средношколците во завршна година за кои се утврдени 158 поради нивните обврски за државната матура и полагањето на двата екстерни испита закажани за 4 и 13 јуни.
Првата детска амбасада „Меѓаши“, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве бараа Владата да ја преиспита одлуката и наставата да продолжи онлајн затоа што се високи бројките на новозаразени со КОВИД-19, чести се и реинфекциите што се должи на брзото ширење на сојот омикрон.
Според министерот за здравство Беким Сали, одлуката е донесена откако е проценето дека епидемиолошката состојба дозволува настава со физичко присуство.