Сигурносните камери на вилата на Здравко Чолиќ на Дедиње го забележале моментот кога двајца непознати мажи вчера, точно во 5 часот наутро, фрлиле рачна бомба на домот на пејачот.
Елитната населба Дедиње вчера беше место на драматичен инцидент кој, за среќа, помина без човечки жртви. Според неофицијални информации на „Телеграф“, полицијата веќе располага со видео материјал на кој се гледа како двајцата напаѓачи приоѓаат до оградата и ја активираат експлозивната направа.
Бомбата, според неофицијални информации, експлодирала на терасата кај самата влезна врата. Токму снимките од видео-надзорот се во фокусот на истрагата што ја води Високото јавно обвинителство, бидејќи на нив се гледа движењето на напаѓачите пред и по детонацијата.
Иако во моментот на нападот никој не бил повреден, материјалната штета на имотот е голема. Фасадата околу влезните врати е уништена, а од силата на ударот испукале прозорите и е оштетена влезната капија.
Мала штета претрпела уште една куќа во близина каде што исто тка испукале прозорите.
Инспекторите од криминалистичката полиција и обвинителството моментално работат на идентификација на лицата од снимката. Се проверуваат и базните станици на мобилната телефонија, како и другите камери во околината за да се утврди дали напаѓачите имале соучесници кои ги чекале во автомобил во близина.
Овој невиден напад врз една од најголемите ѕвезди на регионот ги подигна на нозе сите безбедносни служби, а мотивот засега останува непознат.
Здравко Чолиќ се огласи за „Уна“:
„Се наоѓам во Загреб, каде што завршувам последни песни за новиот албум. Во Белград е се во ред, фала му на Бога што сите се добро“, изјави тој, додавајќи:
„Разбирам го интересот на медиумите, но морам да истакнам дека некои изјави во текстовите се протолкувани на начин кој не одговара на вистинската состојба. Мислам дека е важно информациите да се дистрибуираат одговорно и врз основа на проверени факти. Истражувањето е во тек и чекаме полициски извештај“, изјави Чолиќ за Уна.
За време на истрагата ќе се утврди дали Чолиќ бил мета и каков е мотивот, а вчера се појавија информации дека бомбашите можеби „погрешиле“. Полицијата ќе оствари разговор со Чолиќ кога ќе се врати од странство.