Пожарите што последниве денови зафатија делови од државата станаа причина за нова пресметка меѓу владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Двете партии преку официјални соопштенија се обвинија за негрижа, политичка манипулација и прикривање на одговорноста за состојбата со противпожарната заштита.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ за време на своето владеење оставила противпожарните единици без опрема, дека не е набавено ниту едно летало или возило за гасење пожари, додека функционерите, како што велат, оделе на одмори на грчки плажи во време кога низ државата беснееле пожари. Според нив, наместо загриженост, СДСМ се радувала на секој нов пожар за да може да обвинува.
Во реакција од СДСМ се вели дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш кога нема одговор за, како што наведуваат, „катастрофалното водење на државата“, вината ја префрла на опозицијата. Потсетуваат дека Стојанче Ангелов, поранешен директор на Центарот за управување со кризи, за кој ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ја уништил системската способност за заштита од пожари, е сега директор на Дирекцијата за заштита и спасување, поставен од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и со зголемена плата од 30%.
СДСМ бара ВМРО-ДПМНЕ јавно да ги објави имињата на лицата за кои тврдат дека подметнувале пожари, а секое одбивање, според нив, ќе значи соучесништво. Дополнително, посочуваат дека во последните две години изгорела површина каква што не изгорела во изминатите три децении.
ВМРО-ДПМНЕ повторно упатува сомнежи дека дел од пожарите се намерно подметнати од лица блиски до СДСМ и ДУИ, и прашува која е нивната корист од тоа. Од партијата велат дека намерното предизвикување штета со цел да се наштети на актуелната Влада, во суштина претставува штета за целата држава.