Помошник-директорот на Секторот за административно-технички работи во Царинската управа е приведен поради сомнение дека во повеќе наврати побарал и примил вкупно 17.500 евра поткуп. Според МВР и ОЈО ГОКК, при обидот да биде запрен, осомничениот удрил полициски службеник и службено возило, а потоа ја исфрлил чантата со парите и се обидел да избега.
Случајот започнал по пријава од граѓанин, по што ОЈО ГОКК, во соработка со полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, реализирало акција.
Според досега прибраните докази, 63-годишниот Џ. И. од Шипковица, Тетово, во периодот од април до септември 2026 година, користејќи ја својата службена положба, во повеќе наврати побарал и примил 17.500 евра.
Од вкупната сума, 7.500 евра биле побарани и примени во врска со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа. Според Обвинителството, целта била договорот да продолжи да се реализира без пречки и без ризик од негово раскинување.
Дополнително, осомничениот побарал уште 10.000 евра за да го искористи своето реално влијание во друга постапка за јавна набавка, која била пред Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Според МВР, неговата намера била, по враќањето на постапката на повторно одлучување во Царинската управа, да влијае врз изменување на критериумите во техничката спецификација во корист на правното лице.
На 10 септември, на претходно договорена средба, пријавениот ги примил бараните 17.500 евра, по што со возило се упатил кон Тетово.
Во близина на клучката Желино, на автопатот Скопје–Тетово, полициски службеници се обиделе да го сопрат, но тој не застанал. Според МВР, со возилото удрил полициски службеник и службено возило, по што продолжил да бега.
При бегството, преку прозорецот од совозачката страна исфрлил машка чанта во која биле парите. По кратко време полицајците го сопреле возилото и го лишиле од слобода.
Денеска Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднела кривична пријава против него до ОЈО ГОКК за кривичните дела „примање поткуп“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
Надлежниот јавен обвинител оценил дека се исполнети законските основи и до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.