Американката Даниел Шапиро била пренесена во болница откако изела 32 ролни суши како дел од предизвикот „All Sushi You Can Eat“ вреден 50 долари во ресторанот „Sushi 85“ во Маунтин Вју, Калифорнија.
Инцидентот се случил минатиот месец, кога Шапиро изела премногу храна, вклучително и 32 ролни суши, и почувствувала болка, објави денеска Њујорк пост. По оброкот била пренесена со Брза помош со силни болки во стомакот и и била констатирана гастроезофагеална рефлуксна болест.
Шапиро своето искуство го сподели на „Тикток“, каде на 23 декември објави видео на кое се гледа голема количина храна што ја јадела за еден оброк, а потоа и патувањето до болницата каде примила инфузија.
Според нејзините зборови, таа и еден пријател посетиле ресторан, а по оброкот биле толку преполни што морале да седат во автомобилот околу 30 минути пред да тргнат дома.
Отишла кај партнерот и се обидела да заспие, но се разбудила во 6.00 часот наутро и почувствувала дека „нешто не е во ред“.
- Чувствував интензивна болка во стомакот и градите и ми беше тешко да дишам длабоко - рекла Шапиро и додала дека во болница ја однеле нејзиниот партнер и баба.
Шапиро додала дека и биле потребни неколку дена целосно да се опорави и повторно да се чувствува нормално, но нагласила дека нема да се откаже од сушито по инцидентот, бидејќи тоа и понатаму е нејзината омилена храна.