ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ, Левица и ДУИ, иако со различни образложенија, го блокираат носењето на новиот Изборен законик, а како причина го посочува, како што наведува, стравот од изборен пораз и намалената поддршка кај граѓаните.
Од владејачката партија велат дека секоја од опозициските партии настапува со различни аргументи, но дека целта им е иста – да не биде донесен новиот Изборен законик.
„Секоја една опозициска политичка партија – СДС, Левица и ДУИ – со свои различни изговори го блокира Изборниот законик. Но, мотивот на сите нив е ист – ниските рејтинзи и стравот од изборен пораз“, се наведува во соопштението.
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ се спротивставува на олеснувањето на гласањето за македонската дијаспора, Левица ја променила својата позиција околу законот, а ДУИ поставува нови услови во однос на начинот на одлучување во Државната изборна комисија.
„СДС не сака македонската дијаспора на полесен начин да го остварува своето уставно загарантирано право на глас. Левица прво доби повеќе пари, па потоа се откажа од намерата да го поддржи Изборниот закон. А ДУИ отвора нови услови за начинот на носење одлуки во Државната изборна комисија“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека различните ставови на опозициските партии се обид да се создаде конфузија во јавноста и алиби за, како што велат, нивниот можен пораз на следните избори.
„Овие различни образложенија на опозициските политички партии не се случајни. Тие имаат иста цел – да не се донесе нов реформски Изборен законик и со тоа да се создаде алиби за нивниот сè поизвесен пораз на следниот изборен циклус“, стои во соопштението.
Владејачката партија додава дека останува на ставот дека е подготвена да ги прифати сите барања на опозицијата, доколку се почитуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР и се овозможи полесно и пошироко гласање на македонската дијаспора.
„ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш потенцира дека останува доследна на својот став дека ги прифаќа сите барања на опозицијата, само да се запазат препораките на ОБСЕ/ОДИХР и да се олесни и прошири гласањето на дијаспората“, се наведува во соопштението.