По изборот на Адем Чучуљ како единствен предлог за нов претседател на Државната комисија за спречување корупција, поранешната прва антикорупционерка, Билјана Ивановска, во гостување на ТВ Сител проговори за предизвиците што го чекаат.
„Адем Чучуљ навистина има извонредно искуство. Работата останува понатаму на него да се избори да ја одигра улогата на претседател на ДКСК. Не е само искуството, бидејќи сите очи ќе бидат вперени во него. Тој треба да ја подобри транспарентноста, комуникациите со јавноста, треба да се избори и со останатите членови кои до сега беа малку потивки, поповлечени во работењето. Не знам дали ќе успее, а би требало да успее да наметне нов начин, нов принцип на работа кој ќе придонесе за надминување на овие слабости кои се нотирани во извештајот на Европската комисија“, рече Ивановска.
Таа посочи дека новото раководство ќе мора да воведе повисоки стандарди на отчетност и поголема отвореност кон јавноста, доколку ДКСК сака да ја врати довербата и да ги надмине слабостите кои со години се повторуваат.