На еден ден пред официјалниот почеток на кампањата за шестите Претседателски избори, кандидатите за претседател на државата Блерим Река, Гордана Сиљановска Давкова и Стево Пендаровски денеска во просториите на Државната изборна комисија (ДИК) потпишаа Кодекс за фер и демократски избори.
Блерим Река по потпишувањето на документот порача дека тројцата кандидати добро се познаваат и дека не очекува дека претседателската трка ќе биде трка за живот и смрт, туку ќе биде трка која можеби ќе отвори нова страница во изборната историја.
Гордана Силјановска Давкова посочи дека претстојните претседателски избори се исто толку важни, а можеби и поважни од правото и правда заради што, додаде, строго ќе се држат до нив.
Стево Пендаровски посочи дека е добро што потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори конечно стана пракса што никој не ја спори.
Потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори е обврска на кандидатите според член 8-в според кој учесниците во изборниот процес недвосмислено се обврзуваат дека нема да вршат никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи финансирани од Буџетот на Република Македонија, буџетите на општините и Градот Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал. Исто така, се обврзаа дека ниедно вработено лице или граѓанин нема да биде предмет на било каква закана по однос на своето вработување и социјална сигурност како резултат на нивното поддржување или неподдржување на било која политичка партија или кандидат.
Инаку, Стево Пендаровски ќе ја започне својата кампања со митинг во Прилеп, Гордана Силјановкса Давкова во Охрид, а Блерим Река првиот митинг ќе го одржи во Скопје.
Според Изборниот законик, кампањата ќе трае до 19 април, на полноќ, кога ќе започне и изборниот молк.
Кампањата за претседателските избори почнува од утре, 1 април и завршува на 19 април на полноќ. Првиот круг на гласање за претседателските избори ќе се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај.
Доколку не се постигне цензус од 40% во вториот круг, претседателот на Собранието треба веднаш да распише нови избори.