Собранието ги усвои измените на Законот за студентски стандард по скратена постапка, по предлог на група пратенички од ВМРО-ДПМНЕ.
Со новите законски решенија се воведуваат измени во финансирањето на студентското сместување и распределбата на државните стипендии.
Законот предвидува категоризација на студентските домови во два типа – енергетски ефикасни и реконструирани домови, како и постојни, односно нереновирани домови.
Според измените, за домовите од тип 1 државата ќе покрива до 40 проценти од трошоците за сместување и исхрана, наместо досегашните 50 проценти. За домовите од тип 2, државната партиципација останува до 50 проценти.
Тоа значи дека студентите сместени во реновираните домови ќе плаќаат повисоки цени, кои ќе се утврдуваат според реалните трошоци.
Во јавноста веќе се појавија критики дека со ваквиот модел може да се создаде „двокласен систем“, во кој подобрите услови ќе бидат достапни за студентите со поголеми финансиски можности.
Измените го менуваат и начинот на распределба на државните стипендии.
Според новите правила, 40 проценти од стипендиите ќе бидат наменети за студенти од социјални категории, при што во оваа група се вклучени и студенти со ретки болести и попреченост.
Дополнително, 35 проценти од стипендиите ќе бидат за студиски програми од стратешки интерес, а 25 проценти за студенти со особен успех во учењето.
Со измените се укинуваат и одредбите донесени за време на ковид-кризата, со кои студентите што нема да добијат место во студентски дом имаа право на месечен надоместок до 6.000 денари за приватно сместување или меѓуградски превоз.
Иако во образложението на законот се наведува дека нема дополнителни фискални импликации врз Буџетот, дел од критиките се дека државата постепено ја намалува поддршката за студентите и го префрла товарот врз нивните семејства.