Двајца малолетни членови на исландската велосипедска репрезентација, кои учествуваат на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025, и кои се здобија со телесни повреди во сообраќајна несреќа што се случила завчера се во добра здравствена состојба.
Од страна на ЕМОФ е потврдено дека по укажаната лекарска помош во Општата болница Куманово, спортистите се во стабилна и добра здравствена состојба, без потреба од понатамошна хоспитализација.
Според информациите од организацискиот комитет, веднаш по несреќата на терен пристигнале нивни претставници кои им дале соодветна поддршка и останале во постојана координација со делегацијата од Исланд.
Полицијата извести дека инцидентот бил пријавен во 12:09 часот, кога патничко возило „Фолксваген Пасат“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од 42-годишен возач, удрило во велосипедистите. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Куманово.
Во полицискиот извештај се наведува дека тренингот на велосипедистите не бил дел од официјалната програма, ниту се одвивал на претходно одобрена и обезбедена патека. Според организаторите, делегацијата на Исланд на своја иницијатива и без најава спровела тренинг на регионален пат кој не бил дел од агендата на фестивалот.
Исландската делегација испрати изјава до организацискиот тим на ЕМОФ во која изрази жалење за случката:
„Жалиме за ненамерниот инцидент што се случи надвор од официјалната тренинг патека на ЕМОФ. Благодарни сме што двајцата велосипедисти се во добра здравствена состојба. Благодарност до организаторите и медицинскиот тим за нивната брза реакција и поддршка. Ќе соработуваме целосно со сите релевантни институции за да се расветли случајот и да се осигураме дека сите активности продолжуваат во духот на спортот, одговорноста и безбедноста.“
Организаторите потсетуваат дека за потребите на фестивалот, од 10:00 до 13:00 часот, полицијата обезбедила целосно затворена и безбедна траса за велосипедски тренинг. Патеката се простирала од ресторанот „Фемили“ во скопската населба Карпош, по стариот пат кон Крива Паланка, преку местото викано Света Петка, па по регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце до Меморијалниот центар АСНОМ. Во тој период, сообраќајот за моторни возила и пешаци бил целосно стопиран.
Организацискиот комитет истакнува дека ова е изолиран случај кој не е поврзан со официјалните активности и безбедносните протоколи на ЕМОФ.
„Организацискиот комитет на ЕМОФ Скопје 2025 изразува длабоко жалење за настанот и продолжува со блиска комуникација со делегацијата на Исланд и сите релевантни институции, со цел да обезбеди целосна поддршка за повредените спортисти“, стои во нивното соопштение.
Од ЕМОФ упатуваат апел до сите учесници и тимови строго да се придржуваат до зададените правила, одобрени патеки и определени термини за тренинг, како и навремено да ја информираат организацијата за секоја планирана активност надвор од официјалната програма.
Организаторите уверуваат дека натпреварувањата се одвиваат согласно највисоките безбедносни стандарди предвидени за ЕМОФ Скопје 2025.
фото: ФБ/Велосипедска Федерација на Македонија