Познатиот бразилски пејач Рик Соло, член на популарното дуо „Рик и Ренер“, и бизнисменот Бруно Авелар, познат како близок пријател и соработник на фудбалерот Нејмар, загинаа во хеликоптерска несреќа во бразилската сојузна држава Санта Катарина.
Спасувачките екипи и Противпожарната служба го пронајдоа хеликоптерот во планинскиот предел кај Урубичи, откако леталото исчезна за време на силно невреме. Властите потврдија дека во несреќата нема преживеани.
Хеликоптерот изгубил контакт со контролата на летање во понеделникот попладне, додека се движел од Порто Бело кон Сан Жоаким. Во тој момент регионот бил погоден од силна бура со град, поројни дождови и силни ветрови.
Покрај 59-годишниот Рик Соло и 41-годишниот Бруно Авелар, во леталото биле и снимателот Пауло Соарес и пилотот.
Непосредно пред да биде потврдена трагичната вест, музичкиот партнер на Рик Соло, Ренер, повикал на молитви за спасувачките екипи што трагаа по леталото.
Авелар бил познат како официјален домаќин на хуманитарните аукции на Институтот на Нејмар и важел за близок соработник на сопственикот на компанијата, чиј хеликоптер бил користен за летот.
Властите продолжуваат да ја истражуваат причината за несреќата, која се случила во услови на исклучително лошо време.