Американскиот инфлуенсер познат како Клавикулар, чие вистинско име е Брејден Ерик Питерс, е обвинет во сојузната држава Масачусетс за силување и кривични дела поврзани со дрога, пренесува „Гардијан“.
Според судските документи, 20-годишниот Питерс треба да се појави пред суд на 14 октомври во Кејп Код. За најтешките обвиненија, кои вклучуваат силување и омамување лице со цел сексуален однос, може да добие и доживотна затворска казна. Против него има и пријава за давање алкохол на малолетно лице.
Според обвинението, делата се случиле во Масачусетс во мај 2025 година. Засега не е потврдено дали тие се поврзани со одделна тужба поднесена во април од тинејџерка од Флорида.
Таа тврди дека Питерс ѝ давал алкохол за време на забава во куќата на неговите родители во Кејп Код, по што имал сексуален однос со неа додека таа била во несвест. Девојката во тоа време имала 16 години.
Питерс се стекна со популарност како промотор на интернет-тренд поврзан со екстремни методи за промена на изгледот на лицето и телото. Трендот, кој го следат милиони луѓе на интернет, вклучува различни хируршки и други интервенции со цел постигнување поизразени физички карактеристики.
Неговиот претставник за повеќе медиуми изјавил дека случајот е „преувеличен“. Питерс директно не одговорил на обвиненијата, но на платформата X објавил порака во која ја обвини тинејџерката што ја поднела тужбата дека се обидува да го привлече неговото внимание.
Адвокатот на Питерс во тој случај претходно изјавил дека неговиот клиент ги негира наводите и го оспорува начинот на кој биле претставени настаните.
Случајот во Масачусетс е најнов во низата правни проблеми со кои се соочува Питерс. Според „Њујорк тајмс“, тој од своите преноси во живо заработува повеќе од 100.000 долари месечно.