Пратениците не дадоа согласност да се укине апанажата за јавните функционери. Ова беше предлог на Левица кој беше преточен во измена на законско решение. По петнаесетина денови, се најде пред народните избраници. Тие не поддржаа, сите функционери на кои ќе им заврши мандатот, да не добиваат апанажа. Ваквиот предлог го поддржале само 16 пратеници од вкупно 120 пратеници, колку што брои Собранието.
„За укинување на апанажата на јавните функционери гласаа само 16 пратеници. Толку е постот. #ЕпаЧорбаЕпаМакедонче #ПакДаСиГиГласате“, напиша Димитар Апасиев, лидер на партијата „Левица“ и пратеник.
Најголем дел од министрите кои што повеќе не се дел од Владата, ги користат функционерски привилегии. Апанажата значи дека ќе продолжат да земаат плата од Буџетот на Република Македонија и по престанокот на нивната функција.
Ставот на Левица, по ова прашање беше: „Наспроти привилегиите кои бесрамно ги користат овие потомци на црвената буржоазија, обичен работник во Република Македонија кој ќе остане без работа, може да зема само 50% од просечната нето – плата која што тој ја земал последната година и тоа под услов, само ако има минимален работен стаж од 9 месеци без прекин или 12 месеци со прекин. Притоа, за да може работникот да земе надоместок по основ на невработеност, треба да се исполнат уште многу други услови, како на пример: работниот однос да не престанал со отказ од страна на работникот, со спогодба, со отказ од страна на работодавецот поради кршење на работниот ред и дисциплина итн. Од друга страна, за министрите не се предвидени никакви услови, па така ним им следува 100 % од платата која што ја земале додека биле министри, а за министерување од 24 месеци, законот предвидува можност за земање на апанажа од 12 месеци. Додека пак, едно невработено лице за да земе надоместок по основ на невработеност 24 месеци, потребно е да има работен стаж од 25 години!“.
Од партијата Левица, барањето за укинување на апанажата го објаснуваа и како: „Воопшто не изненадува фактот дека ниту еден од овие министри во време на економска, здравствена и енергетска криза не се откажа од оваа привилегија, затоа што истите се и главни генератори и виновници на сиромаштијата, криминалот и класната раслоеност која владее денес во државата. Пратениците на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесат предлог – Закон за изменување на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во Републиката – со цел укинување на апанажата“.