Пратеникот Миле Цеков објави дека ја напушта ЗНАМ и дека отсега во Собранието ќе дејствува како независен пратеник, Тој веќе не е дел од владејачкото мнозинство.
Тој во своето обраќање до јавноста вели дека во политиката влегол со цел да им служи на татковината и граѓаните, но дека очекуваните промени не се реализирале.
„Пред две години станав пратеник за да се обидам да ги променам работите, да побарам одговорност за криминалот и корупцијата и да се борам за промена на системот, како и да покажам дека има место во политиката за чесни и работливи луѓе. Но, за жал, тие промени не се случуваат.Ваквата одлука,произлегува од состојбите во државата поврзани со корупцијата, селективната правда и нефункционалноста на институциите, како и од социјално-економските предизвици со кои се соочуваат граѓаните”, вели експратеникот на ЗНАМ.
Тој вели дека не прифаќа да живееме во држава со корупција и криминал, селективна правда и нефункционални институции, младите да си заминуваат поради системот, а работниците да живеат со најниска плата во регионот.
,,Не прифаќам загаден воздух и загадена средина. Јазикот, идентитетот и културата се темелот на нашето постоење и тие не се за преговарање“, вели Цеков.
Затоа, вели не може да биде дел од власт и партија што не ги дели вредностите во кои верува.
,,Заминувам од политички субјект што формално е демократски, но суштински не ги исполни очекувањата на граѓаните. Заминувам од политика што не застана зад ветувањата. Подавам рака до сите што веруваат во истите вредности и се подготвени да работат за доброто на татковината и народот. Ова е нов почеток. Почеток на борба за правда и одговорност“, вели Цеков.