Претседателот и врховен командант Ѓорге Иванов му подготви „билет“ за Брисел на својот поранешен аѓутант - бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, кого го назначи за воен претставник на земјава во седиштето на НАТО. Указот за испраќање на Ѓоргоски на новата функција е објавен во „Службен весник“, каде што се забележува дека тој во седиштето на Алијансата, всушност, ќе треба да ја претставува „Република Македонија“. Сите одлуките што ги потпишал Иванов пред неколку дена се со досегашното име на државата. Затоа, пак, одлуките на Владата што се објавени во истиот број на „Службен весник“ - од 26 февруари, се со новото име на земјата - Република Северна Македонија.
Иванов потпишал и указ за одликување на четворица припадници на АРМ со „Медал за храброст“ за укажаната помош по тешката автобуска несреќа кај Ласкарци. Исто така, во екот на предизборието, Иванов донел одлуки за уште неколку кадровски прераспределувања во ГШ на АРМ, иако Изборниот законик и новиот Закон за спречување корупција предвидуваат ограничувања во однос на нови вработувања во државни и во јавни институции од денот на распишувањето на изборите.
Најпроблематично е именувањето на Ѓорговски за „воен претставник на Република Македонија во НАТО“, особено ако се има предвид новата позиција што нашата земја ја зазема во алијансата, благодарение на Преспанскиот договор и промената на името. Друга работа се политиките на Иванов за опструкција на Преспанскиот договор, а со тоа индиректно и за потпишувањето на Протоколот за членство на земјава во НАТО.
Од кабинетот на Иванов ни изјавија вчера дека указите што се објавени во „Службен весник“ биле донесени на предлог на Министерството за одбрана и ГШ на АРМ, согласно нивните надлежности. Постапката, велат од кабинетот, траеше неколку месеци.
Повеќе на Независен.мк