Предлог-законот за парнична постапка го помина првото читање на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно-правната комисија, соопшти Министерство за правда.
Заменик-министерот за правда Ален Деребан пред пратениците изјави дека станува збор за еден од клучните реформски закони во правосудството, чија цел е унапредување на ефикасноста на судските постапки, зајакнување на правната сигурност и зголемување на довербата во судството.
Според Министерството, новото законско решение предвидува поквалитетна правна заштита, поефикасно водење на постапките и унапредување на постапката за вештачење, при што судот ќе може и по службена должност да врши вештачење и увид како доказ.
Законот предвидува и воведување електронска достава и можност јавните расправи да се одржуваат по електронски пат со аудио-визуелна комуникација во реално време, како дел од процесот на дигитализација на судството.
Дополнително, се проширува опфатот на споровите од мала вредност, се намалуваат глобите за учесниците во постапките, а за првпат се воведуваат и претставнички тужби за заштита на колективни интереси и права.
Од Министерството наведуваат дека Предлог-законот е резултат на повеќегодишна работа на експертска група составена од претставници на судството, академската заедница, адвокатурата, нотаријатот, стопанството и државните институции.
Министерството за правда посочува дека останува посветено на реформите насочени кон владеење на правото, ефикасно судство и подобра заштита на правата на граѓаните.