Корисниците на прелистувачот Google Chrome се предупредуваат да проверат дали имаат инсталирано лажна Perplexity AI екстензија, откако безбедносните истражувачи од Microsoft открија дека таа тајно ги снима податоците што ги внесуваат.
Станува збор за екстензија наречена „Search for Perplexity AI“, која извесен период била достапна во Chrome Web Store. Иако Google во меѓувреме ја отстранил, сите што претходно ја инсталирале и натаму може да бидат изложени на ризик.
Според Microsoft, злонамерната екстензија го пренасочува интернет-сообраќајот преку лажен домен, наместо преку официјалната страница на Perplexity AI, и бара дозвола да стане стандарден пребарувач. На тој начин може да го бележи текстот што корисникот го внесува во адресната лента, како и други податоци, вклучувајќи ја IP-адресата и информациите за прелистувачот.
За да проверите дали ја имате инсталирано, отворете ја страницата chrome://extensions/, вклучете го режимот Developer mode и проверете го идентификацискиот број (ID) на екстензијата. Доколку ID-то е flkebkiofojicogddingbdmcmkpbplcd, веднаш отстранете ја, бидејќи станува збор за злонамерен софтвер.
Експертите препорачуваат корисниците да ги избришат и сите други екстензии што не ги користат или не ги препознаваат, со цел да го намалат ризикот од злоупотреба на личните податоци.