Федералното истражно биро на САД (ФБИ) уапси осомничен за организирање голема сајберкриминална операција, преку која од околу 80 криптопаричници биле украдени приближно 220.000 долари во период од речиси две години.
Според ФБИ, станува збор за Зајер Донтевиус Замарион Вилкинс, кој заедно со неименувани соработници е осомничен дека од мај 2024 до февруари 2026 година водел организирана мрежа за ширење злонамерен софтвер.
Истражителите тврдат дека групата заразила околу 8.000 компјутери со вметнување малвер во најмалку осум видеоигри. Инфицираните игри биле промовирани преку Discord, Telegram, X и LinkedIn, а напаѓачите особено таргетирале корисници кои поседувале поголеми количини криптовалути.
Според обвинението, злонамерниот софтвер бил дизајниран да краде лозинки и други чувствителни податоци од компјутерите на жртвите, по што тие информации биле искористени за празнење на нивните криптопаричници.
ФБИ успеало да им влезе во траг на осомничените преку украдени биткоини кои биле поврзани со повеќе од 150 подарочни картички на Bitrefill, најчесто користени за плаќање нарачки преку Uber Eats.
Меѓу заразените игри, според истрагата, се BlockBlasters, Dashverse, Lunara и PirateFi, кои до почетокот на годинава биле достапни на платформата Steam. Откако беше откриен малверот, ФБИ ги повика сите корисници што ги презеле овие игри да се јават и да помогнат во истрагата.
Според истражувачи за криптовалути, само играта BlockBlasters била поврзана со кражба на околу 150.000 долари од стотици жртви, меѓу кои и Twitch-стримерот RastalandTV, кому му биле украдени 32.000 долари што ги добил како донации за лекување од рак.
Истрагата покажала дека Вилкинс, кој на „дарк веб“ го користел псевдонимот Sibel.eth, наводно купил тројанец за далечински пристап вреден 10.000 долари и разговарал за начини како жртвите да бидат измамени да одобрат лажни трансакции со криптовалути. Осомничениот програмер кој го изработил злонамерниот софтвер засега не е официјално обвинет.