На 18 мај со почеток во 20 часот на големата сцена во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Татко“, работена според текст на францускиот писател Флоријан Зелер, во режија на Наташа Поплавска, а во продукција на Никшиќко позориште.
Претставата „Татко“, како што се наведува, е едно од најпознатите дела на Зелер и има освоено престижни награди, а по истиот текст е снимен и филм кој добил „Оскар“.
Во актерската екипа настапуваат Владан Гајовиќ, Ања Дрљевиќ, Никола Васиљевиќ, Маја Стојановиќ, Јован Кривокапиќ и Андреа Драшковиќ.
Во соопштението се наведува дека „Татко“ е драма што се занимава со губењето на идентитетот, времето и стварноста, преку приказна за човек кој се соочува со деменција и постепено ја губи врската со реалноста.
Режисерката Наташа Поплавска истакнува дека претставата ја прикажува дезориентацијата и емоционалната нестабилност, како и односот меѓу таткото и ќерката, кој е обележан со љубов, болка и чувство на одговорност.
Таа додава дека темата на деменцијата е универзална и длабоко човечка, и дека претставата отвора простор за емпатија и разговор за староста, семејните врски и болеста.
Сценографијата е на Весна Сушиќ, костимографијата и музичкиот избор на Наташа Поплавска, а дизајнот и фотографијата на Емил Петров.
Билетите се достапни онлајн преку веб-страницата на МНТ и на билетарницата, која работи од 13 до 20 часот.